Португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо истакна дека е горд на својата репрезентација, иако не го постигна посакуваниот резултат на Европското првенство.
Актуелните шампиони беа поразени во осминафиналето на континенталниот шампионат од Белгија (1:0). Тешко му беше на Роналдо, кој по натпреварот ја фрли капитенската лента на теренот.
Еден ден подоцна, 36-годишникот се огласи на социјалните мрежи.
„Не го постигнавме резултатот на кој се надевавме и го завршивме турнирот порано отколку што сакавме. Но, горди сме на прикажаното, направивме се што можеме за да ја одбраниме титулата шампион. Овој тим покажа дека може да му донесе голема радост на Португалија“, напиша Роналдо.
„Нашите навивачи не поддржуваа од почеток до крај. Ние се боревме за нив, со цел да ја оправдаме довербата што тие ја дадоа кон нас. Сепак, не беше можно да се постигне она што сите го посакувавме. Честитки за Белгија и им посакувам многу среќа на сите екипи до крајот на турнирот. Што се однесува до нас, ќе се вратиме посилни “.
Инаку, Белгија во четвртфиналето ќе игра против Италија.