Двете најголеми светски фудбалски имиња на денешницата, Кристијано Роналдо и Лионел Меси, одбиле понуди во висина од по шест милиони евра на годишно ниво за рекламирање на Саудиска Арабија, објави денеска лондонски „Телеграф“.
Според британскиот весник, со договорите било предвидено напаѓачот на Јувентус и капитенот на Барселона да учествуваат во рекламни кампањи за туристичка промоција на Саудиска Арабија, како и нивни повремени посети на оваа земја.
Саудиска Арабија е изложена на меѓународни критики за кршење на човековите права во земјата и настојува преку спортот и кампањата „Посети ја Саудиска Арабија“ (Visit Saudi) да го подобри својот меѓународен углед.
Саудиска Арабија минатата година беше домаќин на завршниот турнир на шпанскиот фудбалски Суперкуп, на кој победи Реал Мадрид.