Илјадници граѓани кои имаат поднесено барање за легализација на објекти заклучно со 2018 година ќе имаат шанса и рок уште пет години да им бидат издадени документи. Тоа значи дека ќе биде продолжен рокот за легализација на дивоградбите изградени до 2011, а ќе важи само за предмети чии документи биле доставени до општините најдоцна до 2018 година.
„Овој закон е по барање на голем број на граѓани кои за време на овој период, односно за кои до март 2021 година се појави правен ваакум, за активните предмети. Овој закон важи само за тие активни предмети кои се во административна или судска процедура. За нови предмети овој закон не важи“, истакна Беким Реџепи, заменик министер за транспорт и врски.
Околу 140 илјади нерешени предмети веќе се доставени за легализација до општините.
„Станува збор за илјадници предмети кои што се во процедура и затоа ние како министерство за транспорт и врски сметаме дека е потребно рокот од 10 години да го продолжиме за плус 5 години“, додава Беким Реџепи.
Пратениците нагласија дека треба да организираат надзорна или јавна расправа за состојбата со градење со учество на експерти и граѓански организации. Ова законско решение наскоро треба да се најде на пленарна седница.