Со болка што не избледува, но и со решеност што не познава страв, родителите на дел од загинатите млади во кочанската дискотека „Пулс“ најавија дека на 19 ноември ќе присуствуваат на првото судско рочиште за трагедијата во која животот го загубија 63 лица.

Во своето обраќање до јавноста тие порачаа дека нема да дозволат оваа трагедија да се претвори во уште еден статистички број во судските архиви. „Ќе инсистираме правдата и вистината конечно да излезат на виделина“, велат родителите, кои чекаат на одговорност за она што го нарекуваат „најголема човечка и институционална небрежност“.

„Овие луѓе, обвинетите, ги нарекуваме убијци не затоа што сакаме да користиме остри зборови, туку затоа што тоа е вистината: нивните дела, нивната негрижа и нивната корупција донесоа смрт. А што е уште потажно, многумина од нив и денес не покажуваат ни трошка жал, ниту искрено сочувство. Нивниот однос кон нас, родителите кои останавме со незалечива болка, зборува за страшна празнина, молк пред човечката трагедија“, стои во нивната изјава.

Родителите нагласуваат дека нивниот гнев не е насочен слепо, туку кон конкретните виновници — сопствениците и управителите на дискотеката, како и институциите кои, според нив, издале дозволи и не спровеле контроли.

„На 19 ноември ќе бидеме во судницата со тешки срца, но со непоколеблива волја. Нема да дозволиме случајот да се сведе на административни фрази. Сите пропусти, коруптивни игри и кршења на правилата мора да се разоткријат. Сакаме ова судење да не биде само формалност, туку споменик на вистината. Да се чуе секој доказ, секоја снимка, секој сведок, и конечно да се именуваат сите одговорни – од оние што потпишувале дозволи, до оние што ги игнорирале безбедносните ризици“, порачуваат тие.

Првото судење за трагедијата во „Пулс“ е закажано за 19 ноември. Обвинети се 34 физички и три правни лица – меѓу нив сопственикот и управителите на дискотеката, како и поранешни градоначалници и министри. Родителите велат дека нема да отстапат додека „вистината не добие лице и име“.