Амбасадорот на Германија во Приштина, Јорн Роде изјави дека за неговата земја е многу значајно Косово, заедно со другите земји од Западен Балкан, да станат дел од Европска Унија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во неговото предавање пред студентите на Универзитетот „Иса Болетини“ во Митровица, Роде рече дека европската интеграција на земјите од регионот е од општ интерес за континентот, посебно имајќи ја предвид руската агресија врз Украина.

– Во Европа има војна, и многу тензии кои доаѓаат како резултат на политиката на (претседателот на Русија, Владимир) Путин, која му носи регрес на континентот. За Германија е многу важно земјите од Западен Балкан да бидат дел од ЕУ. Не е дека само сакаме да му чиниме добро на Балканот, туку во прашање се и нашите севкупни интереси, рече Роде.

Осврнувајќи се на напорите за постигнување решение за споровите меѓу Косово и Србија, германскиот дипломат порача дека една од обврските на Приштина за нормализирање на односите со Белград е создавањето на Заедницата на општини со српско мнозинство во Косово.

Тој нагласи дека Германија никогаш не бара од Косово исполнување на обврски што се во судир со интересите и Уставот на државата и дека секогаш ги поддржува проектите кои се во правец на подобрување на состојбата во Косово.

– Една од обврските на Косово во нормализацијата на односите со Србија е создавањето на Заедницата. Германија никогаш не би поддржала нешто што е против интересите на Косово и против уставот на Косово. Сепак, сега е време за исполнување на обврските. Затоа што само кога ќе се постигне нормализација, можеме да видиме успех за Косово во интегративните процеси во Европа, рече Роде.

Германскиот амбасадор се осврна и на врските што граѓаните на Косово ги имаат со Германија и можноста за слободно движење за нив по визната либерализација што стапува во сила на 1 јануари 2024 година.

– Сите Косовци имаат барем по еден член на семејството во Германија. Сакам да подвлечам дека беше неправедно Косово да има визен режим. Но, од 1 јануари Косовците немаат веќе зошто да бараат и да чекаат за визи. Дотолку повеќе, секој кој го сака фудбалот, добредојден е во Германија, бидејќи следната година тука ќе се одржи Европското првенство, рече Роде.