Германскиот амбасадор Јорн Роде изјави дека емисарот на неговата земја за регионот на Западен Балкан, Мануел Сарацин дошол во Косово со цел да го убеди премиерот Албин Курти да направи компромис за Централно европската спогодба за слободна трговија (ЦЕФТА), но не успеал во тоа, јави дописникот на МИА од Приштина.
ЦЕФТА е меѓународен договор создаден од Европската Унија, со цел, меѓу другото, да ја олесни трговската размена на земјите од Западен Балкан.
„Мануел Сарацин повторно го посети Косово за да го повика Албин Курти да направи компромис за ЦЕФТА, овозможувајќи клучни слободи за граѓаните на Косово, заменувајќи го УНМИК со Косово во одборот, но – без успех“, напиша Роде на платформата „Х“.
Германскиот дипломатски претставник во Приштина порача дека „доколку е потребно, другите земји од Западен Балкан засега (во ЦЕФТА) ќе продолжат без Косово, за да се продолжи со регионалната соработка и со Берлинскиот процес“.
На 29 август Курти се сретна со германскиот емисар во својот кабинет заедно со министерката за индустрија, претприемништво и трговија, Розета Хајдари.
На средбата, како што беше соопштено, е разговарано за напредокот во имплементацијата на договорите за мобилност во Берлинскиот процес, регионалната соработка и очекувањата од следниот самит на Процесот што ќе се одржи во Берлин на неговата 10-та годишнина.
Косовскиот премиер истакнал дека „во времето кога во регионот се туркаа други паралелни платформи (како Отворен Балкан), Косово целосно се ангажира во Берлинскиот процес, барајќи негово повторно интензивирање и зајакнување како платформа која нуди еднаквост и го забрзува процесот на пристапување во Европската Унија за земјите кои сакаат да се приклучат“.
Курти рече дека е важно пред следниот самит „да постигнеме не само нови договори, туку и да обезбедиме имплементација на договорите што веќе ги потпишавме“.
Меѓутоа, во соопштението од кабинетот на косовскиот премиер, оваа тема, за која денеска пишува амбасадорот Рохде, воопшто не беше спомената.