Плашејќи се од политички реакции во земји членки, Европската Унија веќе не може да се усогласи за да гарантира идно членство на шесте балкански земји, јавува „Ројтерс“, повикувајќи се на четворица дипломати.

Advertisements

Според текстот на „Ројтерс“, во декларацијата за Самитот ЕУ-Балкан, закажан на 6 октомври во Словенија, ЕУ планирала да го повтори ветувањето дадено пред 18 години (н.з. на Самитот во Солун) за недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан. Притоа, „Ројтерс“ имал увид во нацрт-декларацијата.

„Поминаа најмалку две рунди на преговори, но нема договор“, велат дипломатски извори за „Ројтерс“.

Членките не ги откриваат своите позиции по ова прашање, но според диломатите, богатите земји, како Данска, Франција и Холандија, стравуваат од повторување на брза интеграција како таа на Бугарија и Романија во ЕУ во 2007 година. Но, стравуваат и од лошо менаџирање на миграцијата на работната сила, како таа кон Велика Британија, што доведе до тоа многу Британци да бидат против ЕУ.

Бугарија е против приклучување на Северна Македонија поради спорот околу јазикот, пишува „Ројтерс“. Но, дури и да има некаков договор, лошата состојба ја одразува парализата на планот на ЕУ да изгради „прстен на пријатели“ од Украина до Тунис, нудејќи поблиски врски, но и трговија и помош.

„Наместо тоа, Кина и Русија посегнуваат по инвестиции и влијание. Во јануари, Србија беше првата европска земја што прими кинески вакцини против ковид-19 за масовна имунизација. ЕУ, исто така, индиректно ги заострува тензиите во регионот од 20 милиони луѓе, бидејќи граѓаните од Балканот сонуваа да влезат во ЕУ уште по етничките војни во 90-тите години, кога Југославија се распадна“, се вели во текстот на „Ројтерс“.