Иран ги отфрли повиците на САД за запирање на збогатувањето ураниум на негова територија за време на денешните разговори во Оман, но изрази подготвеност да разговара за „нивото и чистотата“ на збогатувањето или за регионален конзорциум, изјави денес за Ројтерс дипломат запознаен со ставот на Техеран.

Дипломатот, пренесува медиумот, изјавил дека американските преговарачи „се чини дека ја разбираат позицијата на Иран за збогатувањето и покажаа флексибилност кон барањата на Техеран“.

Тој додаде дека за време на разговорите во Мускат не биле дискутирани ракетните способности на Иран.

Министерот за надворешни работи на Иран, Сејед Абас Аракчи, претходно денес оцени дека нуклеарните преговори со САД што се одржаа во главниот град на Оман, Мускат, беа „добар почеток“, истакнувајќи дека понатамошните разговори ќе зависат од консултациите со лидерите на двете страни.

„Сè на сè, тоа беше добар почеток, но продолжувањето зависи од понатамошните консултации во нашите главни градови и одлучувањето како да се продолжи“, рече Аракчи, пренесува агенцијата Тасним.

Како што изјави тој, надминувањето на меѓусебната недоверба ќе биде клучен предизвик во продолжувањето на разговорите.

Индиректни преговори меѓу Иран и САД се одржаа денес во Оман, со цел намалување на тензиите меѓу двете земји што ескалираа по бомбардирањето на нуклеарните објекти на Иран од страна на САД во јуни минатата година и насилното задушување на протестите во Иран.

Иако деталите од преговорите не беа објавени, Министерството за надворешни работи на Оман објави дека министерот за надворешни работи на таа земја, Бадр ал-Бусаиди, се сретнал одделно со својот ирански колега, Абас Аракчи, а потоа и со специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, и Џаред Кушнер, зет на Доналд Трамп.

Според извештаите, разговорите имале за цел да се подготви теренот за продолжување на дипломатските преговори, но ниту една страна не даде официјални изјави за содржината на разговорите.

Разговорите во Мускат го означуваат првиот директен дипломатски состанок по воената ескалација во јуни, а двете страни изразија претпазлив оптимизам за идните разговори.

Текстот Ројтерс: Иран го отфрла барањето на САД за запирање на збогатувањето ураниум е превземен од МАКФАКС.