Франција планира во среда да одржи втор состанок за Украина и европската безбедносна ситуација, но овој пат ќе бидат поканети европските земји кои не беа присутни на претходниот состанок, како и членката на НАТО, Канада, објави Ројтерс повикувајќи се на неименувани извори.
Според извештаите, два извори рекле дека на вториот состанок биле поканети Норвешка, Канада, Чешка, Грција, Финска, Романија, Шведска, Белгија, како и трите балтички земји Литванија, Естонија и Латвија.
Изворите наведуваат дека некои од земјите ќе учествуваат на состанокот преку видео повик. Првата средба беше организирана поради загриженоста на европските лидери за намерата на американскиот претседател Доналд Трамп лично да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин и да преговара за Украина, пренесува Танјуг.
На средбата, меѓу другите, присуствуваа и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Лидерите разговараа за дефинирање заеднички одговори на позициите на новата американска администрација за Украина.