Ракометарите на Вардар денеска ги започнаа подготвките за вториот дел од сезоната, а вистински пекол ги очекува „црвено-црните“ во февруари кога треба да одиграат дури 11 натпревари.
Еден од најискусните во редовите на Вардар е голманот Борко Ристовски кој се надева дека со добри подготовки, тој и соиграчите во вториот дел ќе успеат да го надоместат загубеното од првиот дел од сезоната и ќе обезбедат повисок пласман на табелата во Лигата на шампионите.

– Конечно, по завршување на зимската пауза се собравме на подготовки за тоа што нѐ чека, а тоа е тешкиот месец февруари во кој имаме премногу натпревари и мислам дека тоа е нешто што мора да нѐ мотивира и да нѐ држи сплотени кои што сакаме да ги оствариме сите цели кои ги имаме зацртано со Вардар. Едноставно, оваа пауза на сите добро ни дојде за да се рехабилитираме и да опоравиме од ситните повреди кои ги имаме и свежи да влеземе во овие подготовки кои ќе траат 20-тина дена. Имаме тежок распоред, во кој мораме да останеме фокусирани и цврсто на земја и да се обидеме да ги вратиме тие еден-два натревари, кои ни избегаа во првата полусезона и да направиме што е можно подобар резултат за Вардар, а тоа значи и повисок пласман на табелата, но и полесен противник во баражот. Нѐ очекува многу работа, фокус и концентрација. Ќе мислиме на успесите на Вардар и на ракометот во Македонија – вели Ристовски.