Поранешниот министер за образование Спиро Ристовски, обвинет како еден од организаторите на насилните настани во Сибранието на 27 април 2017 година при својота одбрана во суд, рече дека исказот на Александар Василевски – Нинџа, што се однесува до него е невистинит.
– Станува збор за невистинит исказ од лицето Александар Василевски – Нинџа. На денот на настанот не сум комуницирал, ниту пак сум го сретнал во просторите на ВМРО-ДПМНЕ, како што тој тврди. Во тој период немав никаква партиска функција, не сум имал никаков контакт со структурите на партијата, изјави обвинетиот Спиро Ристовски.
На протестите ,,За заедничка Македонија”, тој истакна дека лично не присуствувал.
– Поединци од партијата ВМРО-ДПМНЕ колку што знам ги поддржуваа протестите, а партијата како субјект мислам не ги подржуваше. Од организаторите на протестите го знам само Богдан Илиевски, и него ретко сум го сретнал, изјави Ристовски.
Дента на 27 април, како што наведе, извршувал приватни работи, односно одреден период бил во Министерството за образование.
Од друга страна, пак, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, исто така обвинет како еден од организаторите на насилните настани на 27 април 2017 година, денеска во судот кажа дека нема вина за случувањата во Собранието и оти не го познавал Александар Василевски – Нинџа.
– Во период 2016-2017 година не сум извршувал никаква државна функција. Од мај 2015 година не сум извршувал била каква државна функција. Лицето Александар Василевски – Нинџа одговорно тврдам дека прв пат во живо го видов во оваа сала кога сведочеше, тоа беше прват со тоа лице да бидам во една просторија. Од мене има 45 илјади незаконски прислушувани разговори. Јас сум нелегално најприслушуваното лице во државата. Листинзите се достапни на обвинителството и ниту еднаш со ова лице не сум разговарал или разменил порака, рече Јанакиески.
Ваквите тврдења, како што посочи, е подготвен да ги потврди и на полиграф пред целата јавност.