Абиљ Бауш

Економските трендови се како морски струи тешко се гледаат на површината, но нивното влијание е огромно и долгорочно. Во глобалната економија, успешните држави се оние што не само што ги препознаваат трендовите, туку и ги антиципираат, приспособувајќи ги своите политики на она што ќе дојде, а не на она што веќе поминало. За жал во Македонија, се чини дека често реагираме со задоцнување и тоа врз основа на симптоми кои во глобален контекст веќе не се во фокусот на економските политики.

Најновата анализа на „Фајнанс тинк“ е илустративен пример за тоа. Според нивните наоди, цените на храната повеќе не ја подгреваат инфлацијата, а овој тренд меѓународните пазари го бележат веќе извесно време. Во развиените економии, инфлацискиот притисок кој доаѓа од храната почна да се намалува уште пред повеќе месеци, а политиките таму веќе се насочени кон структурните двигатели на инфлацијата како услугите, домашната побарувачка и ценовните очекувања. Кај нас сепак, сè уште доминира јавната и политичката реторика околу мерките за замрзнување или ограничување на цените на храната, а тие мерки пак, како укажував со години а истото го потврдува и „Фајнанс тинк“, се краткотрајни и реверзибилни, со ефект што исчезнува веднаш по истекот на нивната важност.

Ова укажува на една подлабока слабост дека нашата економска политика е ориентирана кон реакција, а не кон превенција. Наместо да ги користиме аналитичките алатки за да ја разбереме природата на тековната инфлација, која сè повеќе е резултат на засилена домашна побарувачка, раст на реалните приходи и услуги со високи ценовни корекции ние се задржуваме во „удобната зона“ на краткорочните решенија.

Глобалните трендови ни покажуваат дека во услови на „леплива“ инфлација, каде растот на цените станува траен и тешко повратлив, политиките мора да се фокусираат на таргетирана фискална поддршка, стабилизирање на побарувачката и јасни монетарни сигнали. Таму каде што Европа и светот веќе преминуваат на прецизно насочени мерки кон ранливите групи, Македонија и натаму одвојува значителни средства за широка и скапа поддршка како што се 700 милиони евра во Пензискиот Фонд и растот на пензиите, што може дополнително да го поттикне проблемот наместо да го ублажи.

Последиците од оваа задоцнетост се повеќеслојни. Прво, губиме драгоцено време во кое инфлациските очекувања стануваат сè потешки за менаџирање. Второ, ризикуваме дополнително влошување на фискалната дисциплина особено во предизборен контекст што може да ја наруши довербата на инвеститорите и кредиторите. И трето, го одложуваме усогласувањето со современите економски политики кои ја ставаат долгорочната ценовна стабилност пред краткорочната политичка добивка.

Македонската економија не може да си дозволи да биде пасивен следбеник на глобалните трендови. Со оглед на нашата мала и отворена економија, секое задоцнување значи посилно чувствување на негативните шокови и посложено прилагодување. Потребна е храброст кај креаторите на политиките, треба храброст да се напуштат мерките што се политички популарни, но економски нефункционални, и да се премине кон стратегии што се усогласени со современите насоки во економското управување.

Додека светот веќе ја води битката со инфлацијата во услугите, стабилизирање на побарувачката и закотвување на инфлациските очекувања, ние мора да престанеме да се бориме со сенките на минатите проблеми. Економската политика мора да биде компас насочен кон иднината, а не ретровизор што ни покажува каде бевме.

Ова бара од нас не само техничка компетентност, туку и стратешка визија. Потребно е создавање на институционална култура што ќе ја предвиди насоката на економските движења, наместо да реагира на нив откако веќе се вкорениле. Тоа значи усогласување на фискалната политика со јасни приоритети поддршка само таму каде што е неопходно, дисциплина во јавната потрошувачка и инвестирање во проекти со долгорочен принос за економијата. Истовремено, монетарната политика мора да остане независна и фокусирана на ценовната стабилност, дури и кога тоа подразбира донесување непопуларни одлуки со краткорочни социјални и политички тензии. Долгорочната макроекономска доверба се гради токму врз способноста на институциите да се спротивстават на популистички притисоци и да дејствуваат во интерес на одржливиот економски раст.