Премиерот Зоран Заев очекува на почетокот на следната недела да се најде решение за измените и дополнувањата на Законот за државјанство, предложени од Алијанса на Албанците и Алтернатива. Тој изјави дека многу од дилемите поврзани со измените на законот се решени, а деталите треба да бидат разработени од министерствата за внатрешни работи и за правда.
– Нашата земја со интервенција во Законот за државјанство во 2004 година, во преодните одредби, дава една можност со која граѓаните, кои се наши апатриди и немаат друго државјанство, тоа го добијат. Тоа е завршено и мислам дека се работи за околу 5000 граѓани. Сега, според Алијансата на Албанците и Алтернатива, има околу 1500 граѓани без државјанство. Но, според евиденцијата на Управата за водење на матични книги, се работи за 750 граѓани. Верувам дека не може да бидат повеќе од 1500 до 2000. Да се работи и за само еден човек, ние треба да ја завршиме работата, потенцира Заев.