Пишува:  БОРЈАН ЈОВАНОВСКИ

Преспа ја доживува својата ренесанса која како аманет и ја има оставено генијалниот создател на ангелот од Курбиново. Останува најтешкото. Да се напушти цинизмот и дефетизмот во кој е заробено она малку население кое е останото во Преспа а како резултат на една општа депресија во македонското општество и отстуство на љубов и иницијатива да се направи било што како нов квалитет кој би се надоградил на нашето огромно природно и духовно богатство кое ни скока во очи и покрај нашите напори да седиме во скутот на самосожалувањето.

Преспа ја знам од многу мал. Во 70 години од минатиот век ги паметам селата во Преспа,  секое со по барем 500 жители. Ги паметам и бројните одмаралишта и хотели во Претор, Отешево, Крани….Некои од нив како „Хотел Европа“ супермодерни за своето време а кога би постоеле, и денеска би биле атрактивни. 30 годишната транзиција, лакомоста , инерцијата на институциите и се друго што одеше со тој процес почнаа да ја бришат Преспа од мапата на населени региони. Денеска, во преспанските села живеат едвај по 50-туна луѓе, воглавно постари. Школите , амбулантите и другата инфрастурктура почнаа да ја губат смислата на своето постоење и полека едно по друго затвораат.

И токму во овој предсмртен момент на Преспа, се случи Преспанскиот договор кој отвори сосема нови хоризонти за развојот на овој регион. Во Македонија како демократско општество разбирливи се сите критики на сметка на овој договор но ако некаде овој полтички договор доби целосна афирмација и смисла тоа е Преспа.

Двете влади, грчката и македонската се обврза да го отворат граничниот премин Маркова нога кој Преспа конечно ќе ја спаси од незината судбина да биде слепо црево и наместо тоа да стане најкусиот пат до Јонското море. Со сите аљкавости на македонската и грчката администрација како и предрасуди во однос на ова отварање на двете општества едно кон друго кое ги донесе Преспанскиот договор, преминот ќе биде отворен во догледно време-до крајот на 2024 година.

Европската унија плати 5 милиони евра за овој граничен премин а двете влади донесоа одлуки за негово отварање кои подоцна беа и ратификувани во двата парламента.

Атрактивноста на Преспа со оглед на нејзината убавина, природни потенцијали, богато културно наследство и уникатна геополтика како базен кој го делат три балакански држави ја мотовираше ЕУ да обезбеди фонд тежок 18 милиони евра ексклузивно наменети за развојот на регионот. Со голем дел од овие средства на есен започнува изградба на канализиации и прочистителни станици во многу села во регонот. Повеќе милиони од овој фонд ќе се наменат за развој на земјоделието, руралниот туризам  и социо-економскиот развој на Преспа. Дел од фондовите се веќе активни а другиот дел ќе се активира до крајот на годината.

Во контекст на овој неочекуван пресврт на самата предсмртна агонија на Преспа јас и моите пријатели од овие села овде оваа година по петти пат го организиравме фестивалот „Запознај ја Преспа“. Со помош на Министерствата за култура и земјоделие, секретаријатот за евроинтеграции, ЕУ и неколку комерцијални спонзори кои ја препознаа нашата добра намера , годинава од 23 до 25 јуни успеавме да собереме преку 1000 луѓе од сите три држави кои ги делат водите на ова преубаво езеро.

Ни дојдоа градоначалниците на сите три општини од трите држави, земјоделци, туристички работници, уметници, музичари. Слшавме добра музика , уживевавме во изведбата на уметнички дела во природа пред наши очи, вкусивме традиционални јадења чиј рецепти полека се бришат од колективната меморија од целиот регион и се разбира разговаравме и ја замислувавме Преспа повторно убава и дотерана каква што сме ја запознале некогаш како деца. Се родија многу познаства и идеи кои ќе имаат шанса да бидат реализирани со помош на европските фондови.

Се на се, на Преспа и се дава историска шанса да стане една од најатрактивните дестинации на Балканот. Политички, нејзиниот потенцијал е конечно препознат. Она што не успеаа полтичките партии во изминатите години го направи ЕУ.

Не помалку важно е да се каже и тоа дека овој фокус на Преспа ја влијаеше и врз полтиките на владата која ја започна реставрацијата на нуклеусот на нашиот идентитет чија моќ избива од 10 века старите фрески на кои никој не обрна внимание во изминатите 50 години. Кога сме кај идентитетот и македонскиот јазик во Преспа и покрај сите бироктратски небулози ќе биде реставрирана фасцинантната архитектура на  старото училиште во селото Љубојно каде беше одржан и првиот час на македонски јазик веднаш по војната.

Преспа ја доживува својата ренесанса која како аманет и ја има оставено генијалниот создател на ангелот од Курбиново. Останува најтешкото. Да се напушти цинизмот и дефетизмот во кој е заробено она малку население кое е останото во Преспа а како резултат на една општа депресија во македонското општество и отстуство на љубов и иницијатива да се направи било што како нов квалитет кој би се надоградил на нашето огромно природно и духовно богатство кое ни скока во очи и покрај нашите напори да седиме во скутот на самосожалувањето.

Ако нашите дедовци и таковци можеа и умеа да создадат нови вредности во многу потешки социо-економски услови од нашите, наша обврска е барем да пробаме да го одржиме во живот тоа што ни е оставено во наследство.

П.С. За сите заинтересирани утре, 30 Јуни, Делегацијата на ЕУ во просториите на Собранието на Општина Ресен одржува информативна сесија за користење на европските фондови за Преспа.