Заробената држава е жива и функционира со помош на антисистемски елементи во системот, зад кој стои сериозен бизнис, олигархиски, политички и партиски интерес, вели професорката Фросина Ременски во интервју за Zoom.mk коментирајќи ги пресудите за аферата Двојник.
Ременски смета дека не може Надица Велевски да биде шефица на одделението за управни постапки во МВР, која можеби е стручна, но претходно била вклучена во синџир на злоупотреби и сега истите служби произведуваат афери со кражба на идентитети.
„Дали заробената држава не си ги направи реформите за да функционира и понатаму без да има детектирање на мрежата којашто функционира“, прашува Ременски и сугерира министерот за внатрешни работи, Оливер Сасовски да суспендира 200 луѓе од МВР за да се разбие шемата како и да ги разреши помошниците министри за внатрешни работи.
Таа тврди дека во земјата нема политичка храброст да се влезе порешително во сузбивање на гнездата на криминал и корупција во МВР наследени од режимот на Груевски.
„Имавме систем коишто го препознававме преку Груевски и Мијалков и останатите коишто ја злоупотребуваа моќта за разни интереси. Заборавиме дека таму има инфраструктура, која работи спротивно на интрресите на институциите и на државата. Овие луѓе зад себе оставиле сериозна мрежа, оставиле сериозен непотизам. Најмногу непотизам има во МВР и УБК. Сите се клиенти на Мијалков, затоа што тој им ги вработи жените, децата, зетовците, кумовите, тоа е една страшна спрега, и политичка партиска спона, која многу лесно се префрла од една во друга партија, безбеден транзит на таканаречени професионалци, кои се професионалци во времето на СДСМ и ВМРО, а зад себе имаат сериозен криминален багаж“, оценува Ременски.
Според неа, постои усогласен јавен настап на државните институции и на опозицијата за аферата Двојник.
„Имаше обвинувања дека опозицијата ја саботира истрагата. Јас не видов дека некој одговара за сабоажа, ниту сака да го открие повисокото ниво на овој скандал. Опозицијата има сериозна структура во мвр да знаат кои се тие лица и најодговорно кажувам дека се истите од времето на ВМРО, не се чепнати“, убедува Ременски.