Операционализирани чекори за враќање на социјалдемократијата кон изворните корени – работничките и синдикалните движења и организации, правата на работниците, социјалната еднаквост преку враќање на законското решение за прогресивен данок, особено во време на економска, енергетска, ковид и социјална криза, кршење на „железниот закон на олигархијата“, децентрализација на партиската организација и деконцентрација на моќта и одлучувањето, се во фокусот на програмата на Фросина Ременски, една од кандидатите за иден лидер на СДСМ, кој ќе се избира на вторите неспоредни партиски избори в недела, на 12 декември.
Ременски, која беше пратеничка, министерка за труд и социјална политика и потпретседателка на Собранието, но и дел од високите партиски органи на СДСМ, в недела на неспоредните партиски избори ќе ги одмери силите со нејзините противкандидати заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски и директорот на ТИРЗ, Јован Депотовски во трката за нов претседател на владејачката партија, по оставката на Зоран Заев.
Ременски во интервју за МИА вели дека она што ќе се фокусира да го направи е да ја врати моќта во базата од каде ќе се црпе легитимитетот на одлуките.
– Ќе ја свртам пирамидата наопаку. Базата ќе биде врв – врвот ќе биде основа, додава таа и ветува максимална автономија на младинските и женските организации.
Ременски, која по жребувањето на редните броеви на гласачкото ливче го доби бројот два, со број еден е Ковачевски, а број три Деспотовски, нагласува дека обединувањето на партијата е најтешката задача што и претстои на партијата, а борбата на суети и борбата за влијанија и позиции во партијата мора да заврши. Уште додава дека партијата не смее да дозволи успесите да се индивидуализираат, а неуспесите да се колективизираат.
Во интервјуто за МИА таа говори за тоа како ќе го направи обединувањето, кое го најавува, за состојбите во партијата и загубата што СДСМ ја претрпе на локалните избори, за тоа што таа му нуди повеќе на СДСМ од Ковачевски и Деспотовски, но и за тоа дали очекува поддршка и евентуалното влијание на случајот „Меѓународен сојуз“ врз нејзиното учество во партиската трка.
Ременски се осврнува и на европската агенда и перспектива на земјава, за можноста за почеток на преговори на декемврискиот Самит на ЕУ, при што нагласува дека таа лично сака да биде оптимист дека за брзо можеме да се надеваме на отпочнување на преговорите со ЕУ.
– Но, исто така сакам да го изразам мојот реален став и сомнеж дека Бугарија тешко дека ќе отстапи од нејзините веќе декларирани позиции и барања. Ова особено што, дури и да се случи такво отстапување, проблемот ќе биде одложуван до недоглед, смета Ременски.
Таа во интервју за МИА вели дека останува на ставот оти функциите лидер на СДСМ и премиер не треба да бидат концентрирани во една личност, дека предизвикот за водење на две функции во исто време ќе доведе до неминовно потфрлање на една од двете обврски.
Во продолжение следува целото интервју со еден од кандидатите на внатрепартиските избори за претседател на СДСМ, Фросина Ременски.
Госпоѓо Ременски се кандидиравте на внатрепартиските избори за претседател на СДСМ. Ова ќе бидат втори избори во партијата по измените со кои лидерот се избира на внатрепартиски избори. Најавивте обединување и консолидација на редовите на СДСМ. Како ќе го направите тоа?
Обединувањето на партијата е најтешката задача што и претстои на партијата. Тоа не значи дека, членовите на партијата делат дијаметрално спротивставени гледишта за одредени прашања од значење за иднината на државата, туку значи промена на пристапот во работата со членовите на партијата, активистите и симпатизерите.
Борбата на суети и борбата за влијанија и позиции во партијата мора да заврши. Враќањето на единството и обединувањето на партијата треба да се врати со искрен пристап и во статутарна процедура. Неприфатливо e членството и граѓаните ставовите за членови на партијата, партиските раководства и односите во партијата да ги градаат преку пропагандна и валкана кампања по медиумите и социјалните мрежи и низ таа призма да прифаќа или да отфрла некого.
Партијата ќе ја обединам со тоа што ќе ги повикам сите искрени членови и борци на СДСМ, сите истакнати и заборавени членови и минати раководства на партијата да седнат на иста маса, да се погледнат во очи и да разговараат. Тој чин ќе биде пресуден за иднината на партијата, а јас сум убедена дека само така – преку укажана чест, почит и признание на секој – сите ќе заклучат дека целта за која се залагаме е иста, но пристапот бил фер или не. СДСМ мора да ги врати во активните редови заборавените кои го носеа товарот во тешки опозициски времиња и не бараат ништо од партијата, освен да имаат почит и уважување на нивната жртва. Мора да се почитува различното мислење и да се гради култура на дебата, а не наметнување на решенија и идеи. Промоциите од типот кој кого поддржува, и шпекулациите кој кого не поддржува не се во прилог на единството и обединувањето, туку водат кон дополнителна поделба на членството. Тоа во овој момент и следниот период не е потребно и за општеството и за партијата.
Што е она кое СДСМ изминатиот период го направи како што треба во смисол на унапредување на демократските принципи во партијата, а што вие би промениле доколку имате можност за подобро функционирање на партијата. Локалните избори беа еден своевиден аларм за владејачката партија?
Партијата направи статутарни измени во кои првпат воведе избор на претседател на непосредни избори и тоа е демократска придобивка која треба да биде тестирана токму на овие избори кога има три кандидати. Ова го кажувам од причина што демократијата со ваков вид на избор на претстедател бара воздржување на лидерот од прејудицирање на својот наследник, заради принципот на неутралност.
Унапредувањето на демократските принципи треба да започне во моментот кога тие беа нарушени преку избегнување на внатрепартиски дебати за прашања, личности и состојби кои беа дебатирани во јавноста, но останаа надвор од рамката на поширока внатрепартиска дебата. Се дозволи пропагандите, шпекулациите и партиските „лактања“ да ги поделат партиските борци на подобни и неподобни за партијата и како по инерција тоа стана нејасен и блед став на партијата.
Се изгубија драгоцени луѓе во партијата кои имаа интегритет и капацитет преку своите способности и начини на работа да направат вистински промени и тоа токму од причина што индивидуалните ставови и желби на поединци во партијата станаа правило. Партијата мора да го негува сеќавањето и придонесот на секој член независно на која позиција бил. Не смее да се дозволи успесите да се индивидуализираат, а неуспесите да се колективизираат. Ќе го вратам позитивистичкиот пристап во партиското организирање и интеграција на членството. Ќе ги обединуваме успесите и позитивностите, а ќе ги дискутираме и лице во лице ќе ги решаваме разликите.
Локалните избори и случувањата пред тоа се показател за ова што го зборувам. На иста една маса треба да седнат генерации политичари кои гинеле за успесите на партијата и на државата пред се. За мене беше грозно и недозволено да се води режимска пропаганда против наш другар кој бил спремен да загине во настани кога ги браневме демократијата и животите. Таа пропаганда и многу слични, поподмолни го открадоа единството помеѓу членството. Тоа мора да се поправи. Секој член на СДСМ треба да гравитира кон сопственото јато и никој (кој и да е) нема право во тоа да го спречи.
Што повеќе му нудите на СДСМ од она што го нудат Димитар Ковачевски и Јован Деспотовски, што е фокусот на Вашата програма?
Во фокусот на мојата програма се операционализирани чекори за враќање на социјалдемократијата кон изворните корени – работничките и синдикалните движења и организации, правата на работниците, социјалната еднаквост преку враќање на законското решение за прогресивен данок особено во време на економска, енергетска, ковид и социјална криза. СДСМ мора да застане на страната на работниците и егзистенцијата на нивните семејства, да стимулира економски мерки во бизнис заедницата, но со строга контрола дали тие средства завршуваат кај работниците.
Мора да го скршиме „железниот закон на олигархијата“ која наметна зависност во партиските одлучувања, канализирање на сопствени интереси во политиките на штета на граѓаните и работниците. Гарантирам вистинска децентрализација на партиската организација и деконцентрација на моќта и одлучувањето. Моќта ќе ја вратам во базата од каде ќе го црпеме легитимитетот на одлуките. Ќе ја свртам пирамидата наопаку. Базата ќе биде врв – врвот ќе биде основа. Ќе ја максимализирам автономијата на младинските и женските организации. Тие ќе станат промотори и креатори на политики, а не следбеници на одлуки. Младите ќе ги воведам во нов систем на работа со примена на софтверски решенија од ранг на 22-ри век, преку вклучување на вештачката интелигенција како форма на ефикасност во носење на одлуки и исклучување на секаков субјективитет.
Младите ќе бидат корисници на веќе изготвени софтверски и програмски пакети кои ќе ги донирам во партијата за да може да бидеме во чекор со западноевропските земји, а младите да се чувствуваат современи предводници на вистинска иновација.
Жените се двигатели на сите победи во СДСМ. Тие ќе го добијат вистинското заслужено место во партијата. Нема да се срами ниту една жена членка на СДСМ која сака да придонесе за промоција на полиитиките на партијата и да се чувствува природно во партиската средина. Борбата против говорот на омраза, понижувањето на жените и нерамноправниот третман во поделба на власта се причини зошто жените се одвраќаат од учество во партиските активности и делење на своите вештини и способности. Традиционалните вредности на жените не смеат да бидат за потсмев. Нема да дозволам да се прави разлика помеѓу членовите во партијата за тоа кој од каде доаѓа и на кој општествен слој припаѓа. Тоа не социјалдемократска вредност, иако постои и најмногу го чувствуваат членовите од руралните средини. Само еднаков пристап кон сите ќе помогне да се надмине епитетот за СДСМ како елитистичка партија, во време кога токму тоа што е елита во ова наше економски нерамноправо општество поседува 95 отсто од севкупното богатство во државата.
Ќе останат ли истите стратешки приоритети на партијата и на Владата, каков е вашиот став за европската агенда на земјата, што доколку не добиеме датум за преговори овој месец?
Учествував во реализација на стратешките приоритет на државата и создавање на сите предуслови за евроатлантските интеграции. Да потсетам дека, пратеничкиот состав во кој бев потпретстедател на Собранието на свои плеќи ги изнесе сите политики кои значеа обезбедување на иднината за граѓаните и стабилност на државата и регионот. Како никој друг (мислам на двајцата кандидати) ги доживеав сите добри и лоши страни на тие процеси кога ни се закануваа по животот и безбедноста на семејството, бевме под наплив на говор на омраза и поттикнување на насилство. Тој што бил во тие процеси и ги доживеал in-live не може да отстапи од стратешките приоритети.
Европската агенда не е само чекањето датум за почеток на преговорите со ЕУ, низ призмата на македонско-бугарскиот спор. Таа е работа дома, длабинска и квалитативна реформа, а не само чекирање на норматива која ќе ја донесе Собранието. Имплементацијата на тие закони бара пристап без калкулациии, одлагања. Некои навидум завршени реформи имаат потреба за додефинирање и евалуација. Борбата против корупцијата сите ја гледаат и слушаат на ниво на декларација и реформа, а никако низ призма на конкретно преиспитување и постапување во случаи со тендерски постапки, издавање одобренија, лиценци и дозволи од секаков вид, конкурентноста во стопанството, справувањето со монополите, и што ли уште не.
Сакам да сум оптимист дека за брзо можеме да се надеваме на отпочнување на преговорите со ЕУ, но сакам исто така да го изразам мојот реален став и сомнеж дека Бугарија тешко дека ќе отстапи од нејзините веќе декларирани позиции и барања. Ова особено што, дури и да се случи такво отстапување, проблемот ќе биде одложуван до недоглед. Тој процес на билатерална комуникација околу договорот мора да се постави на други основи и да опфаќа други приоритети во кој историјата ќе биде придружна, а не главна компонента и предуслов. Новата влада во Бугарија ќе го сфати тоа, зошто тоа е и од нејзин интерес.
Во јавноста се создаде впечаток дека сегашниот лидер на СДСМ, Зоран Заев му дава ветер во грб на кандидатот Ковачевски. Како го оценувате тоа што Ковачевски беше присутен на преговорите со Алтернатива за ново владино мнозинство?
А како вие го оценувате неприсуството на други членови од актуелната Влада на тие преговори? Јас така би го поставила ова прашање. Ковачевски е дел од владиниот кабинет и присуствувал на средбите. Тоа не значи дека, тие немаат обврска пред органите и телата на партијата, како и пред коалиционите партнери да ги изложат позициите за кои зборувале. На крајот на денот гарантот за успехот на тие политики и договори е Собранието, а не Владата. Сум била дел кога токму Собранието било форумот во кои се создавале и растурале сојузи. Ако преговорите и договорот со Алтернатива го гарантираат парламентарното мнозинство, тогаш час поскоро Собранието треба да стане функционално и да се врати на рефомската агенда и на легислативата која чека долго време на усвојување, а штета трпат сите оние кои очекуваат донесување или измена на некој закон.
Кусо е времето за внатрепартиската кампања, изборите се в недела, сигурно досега имате увид колкава е поддршката за вас. Очекувате поддршка ил и опструкции од сопартијците, особено од приврзаниците на Вашите притивкандидати и каква е можноста против вас да се искористи случајот Меѓународен сојуз?
Прашањето како „против мене може да се искористи случајот Меѓународен Сојуз“ е предизвик на сите пропагандни манипулации со кои дојде до креирање на тој процес во кој од многумина во СДСМ бев избрана јас да бидам „мечка во тој циркуз во режија на Русковска“. Токму тој случај беше искреиран на крајно нездрав и правно неодржлив начин за да се направи мое одвраќање од намерата за длабинска реформа на безбедносно-разузнавачката заедница која беше извор на сите хаварии во поновата демократија. Овој случај е најгрубо политичко насилство врз жена во политиката, однапред предодредено на неуспех. Вака поставено прашање е потврда на ова, зошто и самите влегувате во логиката дека „судски процес може да се искористи против“. Дали судската власт тогаш е независна и дали пресумцијата на невиност важи?
Очекувам членството на партијата јасно да ги препознае недемократските начини во изборниот процес, доколку ги има и да придонесат тие да не фатат корен во овој процес во кој за првпат на непосредни избори се избира помеѓу тројца кандидати. Принципите и правилата за спроведување на избори внатрепартиски, локални или парламентарни се исти – нема разлика. Ако се спротивставуваме на неправилностите и не ги посакуваме кога се спроведуваат локални и парламентарни избори, кога не сакаме никој да ни врши притисок за кога треба да гласаме, ниту пак да ни се заканува доколку тоа не се случи, тогаш тоа треба да го почитуваме и на внатрепартиските избори и тоа уште повеќе.
Нашите членови поминале многу години во опозиција и под недемократска матрица. Се спротивставиле на милион притисоци и опстоиле на својот став и убедување. Верувам во интегритетот и свеста на членството дека, нема да дозволат да бидат убедувани да гласаат против сопствената волја. Само така процесот ќе биде легитимен.
Деновиве во медиумите изнесовте став дека новиот лидер на СДСМ не мора да биде и новиот премиер и оти тоа е преголема одговорност за една личност во моментов кога земјава се соочува со повеќе предизвици. Останувате ли на тој став или можеби личноста која е на чело на владејачката партија сепак треба да ја менаџира и Владата?
Останувам на ставот дека предизвикот за водење на две функции во исто време ќе доведе до неминовно потфрлање на една од двете обврски. Сум функционирала истовремено и како министер и како потпретстедател и како пратеник и знам колку е тешко да се одговори на сите задачи и очекувања истовремено. Мојот концепт на деконцентрација и децентрализација на моќта, организацијата и одлучувањето во партијата е едно од решенијата за отстранување на тие потешкотии.
На крајот на денот, да ги сочекаме резултатите од гласањето в недела и да видиме колку е изгледно тоа решение.
Дополнително, да не заборавам да кажам дека, партиските органи и тела имаат надлежност и мандат да утврдуваат мандатар за состав на влада. Само така ќе се обезбеди легитимитет на процесите за избор на клучните носители на функциите и во партијата и во Владата.