Во рамките на акцијата за собирање кабаст отпад што, во периодот од 18 до 22 мај, ЈП Комунална хигиена-Скопје ја спроведе во сите скопски општини граѓаните исфрлиле вкупно 650 кубни метри отпад, составен претежно од стар мебел и неупотребливи електронски и електрични уреди.

За празнење на поставените садови, ЈП Комунална хигиена-Скопје ангажираше 20 работници на терен, со употреба на три специјални комунални возила – самоподигнувачи и две возила наменети за собирање кабаст отпад-патарки.

„Жителите на градот Скопје покажаа огромен интерес за акцијата и уште при првиот ден  беа преполнети речиси сите 40 поставени садови, додека за времетраењето на целата акција нашите екипи реализираа 130  тури за собирање и транспорт на собраниот отпад. Очекуваме дека оваа акција значително ќе придонесе за намалување на бројот на диви депонии на територијата на градот.“ – истакна директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани.