„Предизвиците на локалните и регионалните онлајн медиуми за време на пандемијата” беше тема на дебатата што се одржа вчера во организација на Онлимит Медиа, во рамките на Civica Mobilitas и со присуство на претставници на локалните медиуми во онлајн сферата.
На настанот се дискутираше за предизвиците со кои се соочуваат локалните и регионалните онлајн медиуми во државата, со особен фокус на искуствата во за време на пандемијата. Заедничката дискусија на овие теми и прашања беше во насока на утврдување на потребите и ставовите околу идните мерки и механизми за соодветно справување во околности на криза и ризици од различен вид.
,,За време на пандемијатата, новинарите се соочија со сосема нов начин на работа и известување, а истовремено беа изложени на сериозни ризици по своето здравје. Во периодот март – јуни 2020 постоеше и генерален дефицит на здравствена опрема, која повеќето медиуми не можеа самите да ја обезбедат, со што дополнително се зголемуваше ризикот по здравјето на новинарите и медиумските работници. Здружението на новинарите на Македонија, во соработка со меѓународната заедница, донираше над 100 пакети заштитна опрема за редакциите низ земјата, што не претставуваше само симболична помош..” истакна Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ.
,,Професионалните предизвици на медиумите беа како да се направи рамнотежа меѓу тоа да се известува во интерес на јавноста, но тоа да се прави на начин што нема да се поттикне дополнителна вознемиреност и паника кај граѓаните и без да се отскокнува од стандардите на информирањето. Пандемијата предизвика многу други теми да станат тривијални во споредба со коронавирусот како тема за известување. Седумдесет проценти од претставките до СЕММ се однесуваа на известувањето за коронакризата. Најголем дел од нив (50 проценти) се однесуваа на едностраното известување, 31 процент на сензационалистичкото информирање, а се реагираше и на обидите за политизирање на кризата. Локалните медиуми се покажаа како особен корисен извор на информации за проблемите, мерките за заштита и функционирањето на локалната власт, истовремено известувајќи и за темите што се значајни на локално ниво. И покрај малиот број на вработени и недоволната техничка опременост се носеа со предизвиците што ги наметна кризата. Дигитализацијата стана неминовност и покрај финансиските услови. Поголема достапност на соговорниците, брзо информирање на јавноста” истакна Марина Тунева, извршна директорка на Советот за етика во медиумите.
За предизвиците со кои се соочија локалните онлајн медиуми зборуваше уредникот на Охрид Њуз Горан Момироски. ,,Надвор од главниот град, работата е уште „пострашна“. Сѐ зависеше од тоа за кој град станува збор и колку локалната власт е расположена отворено и транспарентно да комуницира со медиумите. Но, факт е дека на локалните медиуми им треба помош во сите сегменти од нивното работење“,” истакна Момироски.
Искуства и предизвици споделија и Лиридона Вејсели, уредник на порталот Без Цензура на албански јазик, како и Васе Здравков уредник и администратор на онлајн порталот Радовиш Њуз. Нивните изјави беа во насока на тоа дека локалните онлајн медиумите играат важна улога во информирањето на граѓаните посебно на теми од локален јавен интерес. Дополнително, овие медиуми стекнуваат популарност пред својата публика затоа што се стремат на етичен начин да ги информираат граѓаните за прашања кои се важни за нивниот секојдневен живот.
Овој настан беше организиран во рамки на Civica Mobilitas.