Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска беше домаќин на Панелот 2 на Самитот на лидерите од Западен Балкан за Планот за раст, кој се одржува во Скопје. Панелот, со наслов „Фокусирање на столбовите од Планот за раст“, се одржа во присуство на министри за европски прашања од Западен Балкан, високи претставници на Европската комисија, како и претставници на регионалните организации и меѓународни финансиски институции.

Во своето воведно обраќање, Муртезани порача дека „иднината започнува со визија, се гради преку единство и расцутува во стабилност“. Потсетувајќи на зборовите на Мајка Тереза – „Не можам сама да го променам светот, ама можам да фрлам едно камче кое ќе направи многу бранови“ – тој истакна дека „најсоодветното место да зборуваме за раст е токму Скопје – градот каде мостовите ги поврзуваат не само бреговите, туку и генерациите“.

Министерот ја нагласи суштинската улога на Планот за раст како катализатор за реформи и европска интеграција, потенцирајќи дека „растот не го мериме во апстрактни бројки, туку во фактот дека стартапи остануваат тука, студентите се враќаат, а судството станува функционално“. Тој информираше дека Владата на Северна Македонија ја усвои Реформската агенда во август 2024 година, по што следуваше поддршка од Комитетот за ИПА и Европската комисија. Северна Македонија прва во регионот ги заврши законските процедури за Спогодбата за Инструментот и заемот, и доби претфинансирање од 52,4 милиони евра. Во март 2025 година, беше поднесено првото барање за средства со целосно реализирани пет реформски чекори – меѓу кои нов Закон за внатрешна финансиска контрола, подзаконски акти за буџетска транспарентност, измена на Законот за трговски друштва, дипломирање на 97 нови судии и обвинители, како и воспоставување структури за правична транзиција.

„Овие чекори не ги гледаме како задачи што треба да се исполнат, туку како усогласување со нашиот идентитет – идентитет кој цврсто припаѓа на европското семејство“, додаде Муртезани.

Панелот се фокусираше на две стратешки теми: спроведувањето на ефикасни реформски агенди и унапредувањето на Заедничкиот регионален пазар. Министерот подвлече дека „оваа дискусија е можност да споделиме иновативни решенија, заеднички иницијативи и трансформативни амбиции“ и порача: „Стабилност. Единство. Иднина. Ова не се само зборови, туку обврски што им ги должиме на нашите граѓани.“