Заменик министерот за транспорт и врски, г-дин Беким Реџепи денес учествуваше на семинарот на тема: „Нови технологии и добри практики во геодезијата“ во организација на CLGE, поддржан од Градежниот Факултет – Скопје и Сојуз на Стопански Комори на Македонија.
“ Најпрво Ви благодарам на поканата за присуството на оваа стручна дебата во време кога се наоѓаме во фаза на спроведување на најважната реформа во дејноста Градежништво. Посебно сега кога имаме задача да одговориме на сите надворешни ценовни шокови кои силно влијаат на целокупната дејност. Пред нас е предизвикот да ги спроведеме сите реформи, да прифатиме нови методи и пракса за да може да воведеме високо ниво на професионалност и стандардизација на нормите. Политиката што ја води оваа Влада во делот на градежното земјиште и урбанизмот е во насока на креирање нови законски решенија со кои сметаме дека ќе се олеснат постапките за работа на сите субјекти, вклучувајќи ја и геодетската дејност“ – истакна Реџепи во неговиот поздравен говор.
Според него, важен е придонесот за креирање политики во застапената индустрија.
“Агенцијата за катастар веќе е во фаза на изготвување на предлог законско решение со што се врши издвојување на геодетската дејност, надлежноста и организација на приватниот гоедетски сектор во посебен закон. Веруваме дека наскоро заеднички вие како стручна фела и ние како институционални органи ќе донесеме квалитетно законско решение за да го подигнеме квалитетот на работата на Геодетите.Тоа што за нас е важно е вашиот придонес во креирање на политиките во дејноста што ја застапувате. Верувам дека овој собир од домашни и меѓународи професионалци има за цел да понуди нови модели на работа, да ги зајакне капацитетите и ресурсите во вашата дејност за да обезбедат услови на континуитет на градежна експанзија во земјата“- истакна Реџепи.
На крај заменик министерот Реџепи упати честитки до Комората на Здружението на трговци за геодетската работа за организирање на манифестацијата која се очекува да понуди нови решенија за имплементација во земјава.
“Пред да завршам, би сакал да потенцирам дека Министерството за транспорт и врски е во фаза на донесување на нов Закон за градење со кој на современ и стручен начин се уредува материјата на изградбата на градби преку која се стимулира просторниот и економскиот развој на државата“- истакна за крај Реџепи.