Пратеникот од Алтернатива, Скендер Реџепи денеска најави дека со ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат нова иницијатива за гласање недоверба на Владата и во однос на изјавата на претседателот на Собранието, Талат Џафери дека тоа не е можно во наредните 90 дена, рече дека се работи за политичка изјава.
„Џафери може да дава политички изјави, но таа не е правно издржана. Неговата изјава правнички ќе се толкува. Во партијата наскоро пратениците на Алтернатива ќе ги стават потписите на новата иницијатива за гласање на недоверба на Владата и потоа во координација со ВМРО-ДПМНЕ ќе ја доставиме до пратеничките групи“, изјавил Реџепи за „Слободен печат“.
Инаку, Џафери вчера за ТВ21 изјави дека веќе е закажаната седница за доверба на Владата и дека ако се повлече сега барање за гласање на недоверба на Владата, нема право наредните 90 дена за повторно барање за гласање на недоверба.
Скрендер Реџепи најави дека нема да гласа за доверба на Влада бидејќи на истиот список се наоѓа и Левица, а претходно му било кажано дека наместо оваа партија на списокот ќе бидат пратеници на ЛДП. Сепак, откако координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски му понуди да поднесат нова иницијатива со 20 пратеници, без Левица, Реџепи изјави дека ја прифаќа оваа понуда и ќе гласа за рушење на власта.