Владата работи одговорно и прудентно и овој ребаланс е соодветен и навремен финансиски план на политики кои би се преземале за годинава да го завршиме циклусот на заздравување на економијата и стандардот на граѓаните, рече министерот за финансии Фатмир Бесими, претставувајќи го Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2022 година, што го усвои вчера Владата.
Бесими порача дека дури и во сценарио на продолжена криза на светскиот пазар на енергенси и примарни производи, со фискалната проекција до крајот на годината се овозможува дополнителна интервенција за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите.
Со ребалансот економскиот раст е проектиран на 3,2 проценти, што е намалување за 1,4 п.п. во однос на макроекономските проекции кога се креираше Буџетот, а стапката на инфлација на 7,2 проценти, што претставува интензивирање на ценовниот пораст споредено со 2021 година.Дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3 проценти од БДП, што е за 9,1 милијарда денари повеќе во однос на првичниот буџет. Дефицитот и отплатата на надворешниот и на домашниот долг кои се во износ од 11,8 милијарди денари, или вкупно 54,5 милијарди денари, ќе се финансираат преку задолжување од 59,3 милијади денари на меѓународниот и од 21,6 милијарди денари на домашниот пазар.
Вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Планираното ниво на даночните приходи е за пет проценти повисоко во однос на Буџетот. Износот на вкупните планирани расходи, пак, е 288,5 милијарди денари или за околу 16,1 милијарди денари (за 5,9 проценти) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година.
Како што образложи Бесими, нарушувањата на глобалните синџири на добавување, како резултат на пандемијата, се покажале подолгорочни и придонеле за ценовни притисоци кај примарните производи, како храната и енергентите, а војната во Украина „долеа масло на оганот”. Од почетокот на годината, конфликтот создаде дополнителни притисоци кај примарните производи, поради значајната улога на Русија и Украина во европските и светските синџири на добавување, како едни од најголемите извозници на енергенти и житарици.Дополнително, војната внесе нова неизвесност во изгледите за светската економија, рече Бесими.
Имајќи ги предвид проекциите за нашите најголеми трговски партнери, наведе министерот, како и преземените фискални мерки за заштита на стандардот на граѓаните и поддршка на фирмите, очекувањата за нашата економија се дека заздравувањето на економијата во минатата година, ќе продолжи и во 2022 година, но со успорено темпо. Сепак, потенцира Бесими, очекувањата се дека во 2022 година економијата ќе се врати на преткризното ниво.
Посочувајќи дека проекциите за растот соодветствуваат со најновата проекција на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за земјава Бесими посочи дека се очекува побарувачката да биде главен двигател на растот, при што приватната потрошувачка се проектира со раст од 3,3 проценти. Влијанието на ценовните притисоци врз доходот на домаќинствата ќе биде неутрализиран преку зголемената минимална плата, зголемените пензии, но и преку други владини мерки за ублажување на ефектите од ценовниот шок. За бруто-инвестициите е проектиран реален раст од пет проценти. Покрај капиталните буџетски расходи, соодветен придонес се очекува и од приватните инвестиции, пред сѐ, како резултат на поддршката за развој на приватниот сектор и зајакнување на конкурентноста.
Со ребалансот се извршени промени во однос на иницијалните проекции на приходната и расходната страна на Буџетот.
-Вкупните приходи со ребалансот се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за околу 6,9 милијарди денари или 2,9 проценти повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Даночните приходи се планирани на ниво за 5 проценти повисоко во однос на Буџетот. Тоа се должи, пред сѐ, на зголемувањето на даночната основа кај одредени видови на даноци, како резултат на пораст на потрошувачката, пораст на просечната плата, поголема профитабилност на компаниите, како и врз основа на очекувањата за подобрена наплата на даночните приходи поради намалување на сивата економија, засилена даночна контрола и поедноставување и дигитализација на даночните постапки, и понатамошна реализација на целите и приоритетите на Стратегијата за реформи на даночниот систем 2021-2027, рече Бесими.
Вкупните расходи, како што дополни, се планирани на ниво од 288,5 милијарди денари или повисоко за 5,9 проценти, односно за околу 16,1 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година. Односно, 24,2 милијарди денари се дополнителните расходи, од кои 4,2 милијарди денари за зголемување на пензиите се реализира од ПИОМ, а четири милијарди се кратење во Буџетот. Дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3 проценти од БДП, што е за 9,1 милијарди денари повеќе во однос на првичниот буџет.
-Расходите за исплата на платите се проектирани на ниво од 33,2 милијарди денари во чии рамки содржани се ефектите од контрола на новите вработувања, оптимизација на јавната администрација, како и ефектот на усогласувањето на платите на вработените кај буџетските корисници со минималната плата. Расходите за стоки и услуги се планирани во износ од околу 23 милијарди денари. Тука е направена максимална оптимизација, но се земени предвид и зголемените цени на енергентите со цел непречено извршување на јавните услуги. Тука се вкалкулирани и НАТО обврските и набавката на книги во образованието, рече министерот за финансии.
Со ребалансот на Буџетот тековните трансфери се планирани на ниво од 189,7 милијарди денари или за околу 19 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2022 година. Тоа, како што рече Бесими, се потребни средства за економските мерки за поддршка на граѓаните и економијата.
Со нив се обезбедува дополнителна финансиска поддршка од 4,7 милијарди денари за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на стопанството во услови на продолжена криза на светскиот пазар на енергенси и примарни производи. Потаргетирани мерки во иднина за заштита на стандарот на граѓаните, нагласи Бесими. Исто така, и дополнителни субвенции и трансфери за директна финансиска поддршка во земјоделскиот сектор со обезбедување на дополнителни 3,2 милијарди денари, со цел стимулирање на приносите и амортизирање на ценовните притисоци на основните прехрамбени производи. Направен е и пораст на трансферите до единиците за локална самоуправа за покачување на платите на вработените во градинките, како и за вработените во основните и средните училишта за 15 проценти почнувајќи од септември 2022 година. Пензиите се дополнително зголемени, согласно новата методологија на пресметка , според која усогласувањето на пензиите се врши според движењето на индексот на трошоците за живот во висина од 50 проценти и исто толку според порастот на просечно исплатената плата на сите вработени.
– За програмата за субвенционирање на придонеси за поддршка на плати планиран е поголем износ и таа е наменета за поттикнување на работодавачите да исплаќаат плата во повисок износ заради подобрување на економскиот стандард на вработените во приватниот сектор, односно во дополнително планираниот износ вклучен е ефектот за субвенциониран придонес за разликата во плата до минимална плата согласно законот. За корисниците на правото на гарантирана минимална помош обезбедена е дополнителна финансиска поддршка во износ од 2,4 милијарди денари, рече Бесими.
Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари и се за околу шест милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година. Според министерот, и покрај тоа, нивниот износ е на историско највисоко ниво, и ќе продолжат прокетите за изградба на патишта, железници, гасоводи,
Бесими најави дека на среден рок, и покрај присутните ризици и неизвесноста, фискалната политика ќе продолжи кон натамошна консолидација и реструктуирање на јавните расходи со постепено намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг, поттикнување на економската активност преку капиталните расходи и инфраструктурните инвестиции, како и подобрување на условите за водење бизнис и отворање на нови работни места.
-Искрено се надевам дека втората половина на годината ќе ја одбележи попредвидлив глобален макроекономски амбиент и оти ќе можеме многу посилно да се фокусираме на развојните предизвици, во интерес на сегашните и идните генерации, рече Бесими.
Во првите четири месеци од годинава вкупните приходи на Буџетот се реализирани во износ од 78,9 милијарди денари или околу 33 проценти од проектираните, односно се повисоки за 15,8 проценти во однос на наплатените за истиот период лани. Сите видови на даночни приходи забележале пораст споредено со анализираниот период минатата година и бележат пораст од 21,2 процентво однос на истиот период минатата година. Исто така има раст и кај приходите од социјални придонеси за 6,2 проценти.
Вкупните расходи во периодот јануари–април 2022 година, пак, се реализирале во износ од 83,6 милијарди денари или околу 30,7 проценти од проектираното. Во однос на истиот период минатата година тие се повисоки за 9,2 проценти. Во овој период, посочи ресорниот минустер, навремено и непречено се подмируваа обврските на буџетските корисници, законските права на граѓаните и доспеаните обврски кон домашните и странските кредитори. Беа издвоени и средства за антикризните мерки, од кои 5,3 милијарди денари финансиска поддршка за ЕСМ за справување со енергетската криза и одржување на пониска цена на електричната енергија за регулираните потрошувачи. Во тој период е остварен дефицит во висина од 4,6 милијарди денари или 0,6 проценти во однос на проектираниот БДП за 2022 година.
Меѓународните организации, согласно најновите случувања, извршија надолна ревизија на проекциите за глобалниот раст. Така, ММФ очекува глобалната економија во 2022 да порасне за 3,6 проценти, или 0,8 процентни поени помалку во однос на јануарската проекција. Економскиот раст на ЕУ е проектиран на 2,9 проценти додека за германската економија, како најголема во ЕУ и најзначајна за домашните извозници, се предвидува раст од 2,1 процент во 2022 година. Инфлацијата во еврозоната, по очекуваното забрзување на 5,3 проценти во 2022 година, во наредниот период е предвидено да забави и да се движи околу два процента