Опозициските партии преку поднесените 222 амандмани за ребалансот ќе бараат намалување на, како што велат, непродуктивното трошење на Владата. Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ велат дека во ребалансот се предвидени милионски суми за купување на мебел и возила, за државни вработувања и зголемување на плати во институциите, наместо за проекти важни за секојдневното живеење на сите граѓани.

Advertisements

„Да престане она неструктурно трошење за да може тие пари да се алоцираат на други ставки во буџетот за да може подобро да се справиме со оваа рецесија и финансиска криза. Посуштински е да се набават 30 амбулантни возила, 20 противпожарни возила, да се набават 26 илјади лаптопи на наставниците, над 13 илјади таблет уреди за оние кој не можеа да следат настава да се рефундираат на сите оние кои одеа во соседството за вакцина“, рече Бојан Стојановски- пратеник на ВМРО- ДПМНЕ.

И од коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива велат дека ќе бараат да се намалат непродуктивните трошења.

„Сите наши амандмани воглавно се концентрирани во капитални инвестиции кои се однесуваат за потребите на граѓаните. Вода за пиење, канализација, асфалтирањето, заштита на шумите, сите се ориентирани во насока на подобар живот“, рече Елми Азири- пратеник Алијанса на Албанците.

Денеска немаше комисиска расправа за предлог-ребалансот на буџетот. Според собраниската постапка, по предложените амандмани ќе се расправа најмногу десет дена, а потоа ребалансот оди на пленарна седница на гласање. Ова е прво прекројување на државната каса за годинава.

Андреа Чобанова