Абиљ Бауш

Во време на силни ветувања за економски препород и очекувања од јавноста, предложениот ребаланс на Буџетот за 2025 година од страна на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, се појави како тест на кредибилитетот на економската стратегија на Владата. Наместо храбар исчекор, гледаме умерена корекција техничка по форма, но неубедлива по суштина.

Ребалансот предвидува зголемување на приходите за околу 1 %, но тоа зголемување не доаѓа преку економски раст или фискална реформа туку преку неданочни извори како административни такси и добивки од јавни институции. Даночната структура останува иста, без знаци за модернизација или фер распределба. Ова покажува отсуство на долгорочна визија и реформа во јавните финансии.

Иако ребалансот формално ги зголемува расходите, суштинскиот карактер на тие расходи е спорен. Поголемиот дел од новоалокираните средства одат за тековни обврски пензии, институционално финансирање, транзициони трошоци а не за продуктивни вложувања. Таквиот пристап е типичен за одржување на политичка стабилност, но не и за економски развој.

Буџетот предвидува 47,5 милијарди денари за капитални инвестиции бројка која изгледа импресивно, но без детална алокација и без гаранција за ефикасна реализација. Историските податоци покажуваат слаба реализација на капитални инвестиции, особено во инфраструктура со висок мултипликативен ефект. Без прецизни проекти, индикатори и транспарентност, овие инвестиции ризикуваат да останат само „планирани“ на хартија.

Дефицитот се одржува на 4 % од БДП, што на прв поглед изгледа умерено. Но, во реалноста, тоа значи дека државата продолжува да се задолжува за да ги сервисира основните трошоци. Во отсуство на јасен план за намалување на јавниот долг и реструктурирање на фискалната политика, стабилноста останува кревка и зависна од надворешни кредити.

Ребалансот на Буџетот за 2025 година претставува сериозно пропуштена можност за суштинска економска трансформација. Наместо да се искористи за стратегиска реформа на буџетирањето преку воведување програмско финансирање засновано на резултати, повторно се применува класичен пристап без јасна визија. Исто така, во целост изостанува интегрирање на дигиталната трансформација, која е неопходна за модерна и ефикасна јавна администрација. Буџетот не нуди ниту механизми за поддршка на иновации, младинско претприемништво и истражување и развој клучни двигатели на економски раст. Конечно, целосно е запоставена зелената транзиција, без јасни инвестиции во енергетска ефикасност, циркуларна економија или намалување на загадувањето, иако токму тие се глобални и европски приоритети.

Во насока на унапредување на фискалната политика и трансформација кон вистински развоен буџет, неопходно е да се имплементираат пет клучни насоки: прво, воведување програмско буџетирање засновано на резултати и јасно дефинирани индикатори за ефикасност; второ, спроведување капитална реформа ориентирана кон инвестиции со долгорочен социоекономски поврат; трето, системско намалување на клиентелизмот и елиминација на неефикасното трошење на јавни средства; четврто, приоретизирање на продуктивните сектори како што се иновациите, дигиталната трансформација и образованието; и петто, воспоставување транспарентна и отчетна фискална рамка преку вклучување на експертската јавност и граѓанското општество во буџетските процеси. Во отсуство на овие стратешки насоки, предложениот ребаланс за 2025 година, и покрај својата техничка рационалност, не нуди суштинска основа за економски пресврт. Доколку неговата примарна цел е само административно затворање на фискалната година, тогаш може да се смета за функционален. Сепак, доколку се стремиме кон долгорочен и одржлив развој, овој ребаланс останува ограничен документ што ја репродуцира постојната структура на трошоци, без амбиција да ја преобликува економската парадигма во која се наоѓа државата.