„Со големо внимание, но и со огромна доза на изненаденост ја проследив реакцијата на опозициската партија Беса објавенa на неколку интернет портали што преставува и повод за денешната моја реакција.

Имено, многу невистинити конструкции се направени на моја сметка, како и на сметка на партијата која ја преставувам. Меѓутоа, јас не сум тој што треба да утврди од каде тој порив, но и мотив за ваквa фрустрација и дезинформации пласирани во јавноста од таа партија и од одредени кругови.

Но, затоа морам да истакнам дека се прават груби и тенденциозни изблици за манипулација со јавноста и со граѓаните со цел искривување на реалноста.

Дотолку повеќе, безобразно е да се употребуваат трагичните судбини за дневно-политички поени.

Почитувани,  во продолжение сакам да ги истакнеме фактите кои што се дел од реалоста од кога јас ја извршувам оваа функција:

–  Автопатот Скопје – Блаце се гради во неколку фази и тие зависеа од многу услови и параметри, согласно со законските процедури. Во моментов се работи на првата етапа од патот, односно на првите двa километри од делницата. Втората етапа е во фаза на тендeрирање, со почитување на сите законски процедури. Ги правиме сите напори, во согласност со законите, автопатот Скопје – Блаце да биде што е можно побргу завршен и им биде ставен на услуга на граѓаните од двете страни на границата, а секако и на сите останати коишто ќе го користат.

– Истовремено, сакам да потенцирам дека паралелно се врши рехабилитација на реагионалниот пат Скопје-Блаце, независно од автопатот, и очекувам во најкус можен рок да биде пуштен во употреба.

–  Понатаму, очигледно на сите им е јасно, освен на опозициската партија и на некои неодредени кругови дека ова е година на историски инвестиции во патната инфраструктура, експанзија на градежни активности насекаде низ државата, неселективно и за сите. Отпочнавме со реализација на заокружување на краците на европската автопатска мрежа во нашата земја – Коридор 8 и Коридир 10-д. И тоа работиме со избран стратешки партнер со посебен закон, што е уште поважно – по нова методологија за работа, која ќе овозможи завршување на коридорите во рок од 4,7 години.

–  Сакаме тука да ги спомнеме и другите инвестиции и тековни работи кои се дел од Годишната програма на ЈП за Државни патишта. Тука кусо би ги споменал патот Подмолје-Струга-Ќафасан, магистралниот пат Битола-Меџитлија, изградба на експресен пат Крива Паланка – Длабочица – Страцин, реконструкција со рехабилитација – доградба на една лента на државен пат Крива Паланка – Деве Баир, изградба на експресен пат Градско – Прилеп, рехабилитација на регионален пат Маврови Анови – Жировница, рехабилитација на регионален пат Велес – Градско, изградба на регионален пат Извор-Гарски Мост, отпочнување на процедурите за избор на изведувач за обиколница Тетово, интензивирање на работните активности за побрза реализација на проектот Кичево-Охрид и многу други инфраструктурни проекти.

Владата и ЈПДП посветено работат на реализација на сите планирани активности за градење, ревитализација, реконструкција на целата сообраќајна мрежа низ државата, за добробит на граѓаните, за безбеден и сигурен сообраќај, но и за развивање на економијата, за квалитетен проток на луѓе и стоки. Оваа патна градежна офанзива е единствена од осамостојувањето до денес, градиме за идните генерации.

Оттука, можеби и е разбирлива очигледната нервоза на политичките опоненти. Но, она што целосно е неразбирливо и недозволиво се нивните бедни обиди да се инструментализираат трагичните судбини за ефтини политички поени! Па и од Беса да е – срамно е!“, се вели во реакцијата на Ејуп Рустеми, директорот на ЈПДП.