Владата тивко го прифати условот на партијата која нема ниту еден пратеник во Парламентот, односно Достоинство на Стојанче Ангелов, за обесштетување на поранешните бранители од конфликтот во 2001 како предуслов да не ја напушти владејачката коалиција. Ова го вели за Алсат, Даим Хисени од Организацијата на воените ветерани на ОНА, упатувајќи остри критики за нерешавање на статусот на поранешните војници на ОНА, кои според него, немаат никакви законски права.

Хисени вели дека воените ветерани и семејствата на хероите се целосно запоставени и тоа со помош на албанските партии на власт, за да ја поддржат оваа иницијатива на Ангелов со владина одлука. На плоштадот „Орел“ во Скопје се сретнавме со Даим Хисени од ова организација, кој рече дека партиите кои произлегоа од ОНА прават компромиси за позиции во Владата, заборавајќи го идеалот за кој зборуваат на избори.

„Нашите политички партии материјално и финансиски ги поддржуваат воените злосторници, автоматски сфаќаме дека и тие станаа дел од организираниот криминал, заедно со воените злосторници, кои 100 години ја бранат проруската и просрпската доминација во Македонија. Дел од оваа политика станаа и албанските партии без оглед дали се позиција или опозиција, кога зборуваме за конкретниот случај“, рече Даим Хисени, ОВВ-ОНА.

Дека постои голем револт кај семејствата на загинатите борци се виде и на манифестацијата на 2 мај во Слупчане, кога татко на еден од загинатите не дозволи делегацијата на ДУИ на чело со Али Ахмети да положат цвеќе. Веќе 22 години не е решен политичко-правниот статус на Албанците во Македонија, велат Организацијата на воените ветерани. Иницијативата за регулирање на нивниот статус остана само ветување на хартија, но Хисени вели дека нема да се откажат.

„Кога ги спомнавме социјалните случаи, ние го кренавме гласот и силно се спротивставивме кога оваа албанска политичка партија и другите заедно со македонскиот блок се обидоа да ни наметнат решение на статусот на поранешни борци кое ги третира како социјални случаи, преку Министерството за труд и социјална политика, како да биле прегазени од автобус. Сакаа да нè наградат со пари како социјални случаи и да ја заборават војната на ОНА и паднатите борци“, вели Даим Хисени, ОВВ- ОНА.

Во саботата екс-бранителот Стојанче Ангелов се појави пред медиумите, тврдејќи дека добил зелено светло од лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски и од Али Ахмети за поддршка за ново обесштетување. Партијата Достоинство, која е во Владата со СДСМ и ДУИ, најави дека ќе ја напушти коалицијата ако нивното барање не биде исполнето.