Лидерите на ЕУ, Европската унија и ОН денеска реагираа на нападите на палестинската екстремистичка организација Хамас врз Израел и во своите соопштенија ги осудија нападите, повикаа на воздржаност и избегнување на цивилни жртви.

Претставникот на ОН за Блискиот Исток, Тор Венесланд, ги осуди нападите врз Израел и предупреди дека тоа е „опасна бездна“, повикувајќи ги сите да се „повлечат од нејзиниот раб“. Тој повика на максимална воздржаност и апелираше до сите страни да ги заштитат цивилите.

Високиот комесар на ОН за човекови права Фокер Турк повика на итен прекин на насилството во Газа. Турк рече дека е шокиран од извештаите дека стотици ракети биле истрелани врз Израел и информациите дека израелски цивили биле земени како заложници. „Цивилите никогаш не смеат да бидат цел на напади“, додаде Турк. Тој го повика Израел да преземе мерки за да спречи цивилни жртви кога ќе возврати со воздушни напади во правец на Газа.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, рече дека „ ги следи вестите што доаѓаат од Израел“.

„Недвосмислено ги осудуваме нападите на Хамас. Ова ужасно насилство мора веднаш да престане. Тероризмот и насилството не решаваат ништо“, напиша Борел на мрежата Х.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен оцени дека нападот во Израел е „тероризам во најновиот облик“.

„Недвосмислено го осудувам нападот на терористите на Хамас врз Израел. Израел има право да се брани од такви грозоморни напади“, напиша таа на мрежата Х.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ги повика Израелците и Палестинците да покажат воздржаност за да не се влоши ситуацијата.

„Ги повикуваме сите страни да се воздржат од агресивни дејствија“, рече Ердоган.

Францускиот претседател Емануел Макрон исто така реагираше на последната криза и остро ги осуди терористичките напади врз Израел.

„Изразувам целосна солидарност со жртвите и нивните семејства“, објави тој на платформата Х (Твитер).

Либанската група Хезболах, поддржана од Иран, објави соопштение во кое вели дека внимателно ја следи ситуацијата во Газа и дека е во „директен контакт со раководството на палестинскиот отпор“.

По настаните со милитантите од Газа кои испукаа одбојка од ракети кон Израел, во соопштението се додава дека тоа е „одлучен одговор на продолжувањето на израелската окупација и порака до оние кои бараат нормализација на односите со Израел“.

Советникот на иранскиот врховен лидер Али Хамнеи, Рахим Сафави, сепак, им честиташе на палестинските борци за најголемиот напад врз Израел во последните години.

„Ќе бидеме со палестинските борци до ослободувањето на Палестина и Ерусалим“, рече Сафави, цитиран од иранската полуофицијална новинска агенција ИСНА.

Рускиот заменик министер за надворешни работи Михаил Богданов изјави дека Москва е во контакт со Израел, Палестинците и арапските земји во врска со ескалацијата на израелско-палестинскиот конфликт.

„Се подразбира дека секогаш повикуваме на воздржаност“, рече Богданов.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди „терористичкиот напад врз Израел“ и рече дека „правото на една земја да се брани не може да биде доведено во прашање“.

Германскиот премиер Олаф Шолц изјави дека Германија ги осудува нападите на Хамас и стои со Израел.

„Денеска добиваме застрашувачки вести од Израел. Длабоко сме шокирани од ракетниот истрел од Газа и ескалацијата на насилството“.

Министерството за надворешни работи на Саудиска Арабија повика на „итен прекин на насилството“ меѓу Израел и Палестинците, објави државната новинска агенција.

„Ги следиме настаните без преседан меѓу бројните палестински фракции и израелските окупаторски сили кои доведоа до високо ниво на насилство на многу фронтови“, се вели во соопштението на Министерството.

Египетското Министерство за надворешни работи предупреди на „тешки последици“ од ескалацијата на тензиите меѓу Израел и Палестинците, се вели во соопштението на министерството.

Британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли рече дека земјата секогаш „ќе го поддржува правото на Израел да се брани“.

„Велика Британија недвосмислено ги осудува ужасните напади на Хамас врз израелските цивили“, рече Клеверли.

Зборуваше и вршителот на должноста министер за надворешни работи на Шпанија, Хозе Мануел Албарес, кој ги осуди нападите од Газа насочени против Израел.

„Силно ги осудуваме многу сериозните терористички напади од Газа насочени кон Израел“, објави Албарес на социјалната мрежа X.