Истакнувањето на провокативна националистичка иконографија што промовира великодржавни шовинистички идеи претставува разгорување на етничка омраза и нетрпеливост со што недвосмислено се напаѓаат основните принципи и вредности на Рамковниот договор, како и концептот на Македонија како мултиетничка држава, се вели во реакцијата од претседателот на државата Стево Пендаровски, по повод посетата на косовскиот премиер Албин Курти.
– Организаторите на јавните собири во Тетово и во Чаир мора да бидат законски санкционирани за кршењето на законските одредби во однос на употребата на државното знаме и химна и знамињата и симболите на заедниците, со целосно игнорирање на симболите на државата. Во таа насока ги повикувам надлежните органи во најкус можен рок да ги завршат пропишаните постапки, се подвлекува во реакцијата од Пендаровски.
Начинот на реализација на идејата за преименувањето на улицата во општината Чаир, се наведува во реакцијата од Пендаровски, е во спротивност со принципот на демократска дебата и почитување на историското наследство на сите заедници во државата.
– Во таа смисла, очекувам надлежните инспекциски служби да проверат дали при носењето на одлуката е почитуван принципот на двојно мнозинство, кој треба да ги вклучува и гласовите на заедниците кои не се во мнозинство во таа општина, стои во реакцијата од претседателот на државата Стево Пендаровски.