Случаите на таканаречена „ковид рака“ се појавуваат сè повеќе и повеќе, бидејќи кај некои вакцинирани лица се појавуваат црвенило и оток на раката, неколку дена по примањето на дозата против коронавирусот.
Американското здружение на дерматолози отвори регистар за здравствените работници со цел да ги разберат „дерматолошките манифестации“ на ковид-19, соопштено е од Здружението.
Доктор Елизабет Хаушменд, дерматолог од Тексас, САД, за локалната телевизија KСAС изјавила дека отокот и црвенилото може да траат неколку дена по убодот, што значи дека се јавува имунолошки одговор, објави „Њујорк пост“.
– Не е пријатно, но поради ова не би ве спречила да примите вакцина – рекла д-р Хаушменд.
Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) на својата веб-страница објави дека чести несакани ефекти се болка и оток на местото на убодот, а некои вакцинирани добиваат температура, треска, слабост или главоболка. ЦДЦ советува да се стави чиста, ладна крпа на местото на убодот и препорачува да се вежба со таа рака, за да се намали непријатноста.
Оние кои доживуваат зголемување на црвенилото на местото на убодот 24 часа по вакцинирањето, кое не поминува со денови, треба да разговараат со своите лекари, додава Центарот за контрола и превенција на болести.