Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги реагираше на денешниот однос на министерот за економија Крешник Бектеши кон новинар на ТВ Телма.

-Во врска со недоличниот однос на министерот за економија Крешник Бектеши, кон новинар на ТВ Телма, за време на денешната прес – конференција, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги уште еднаш потенцира дека упатувањето навреди и омаловажувања кон новинари се апсолутно недозволиви, се посочува во соопштението.

Медиумите се еден од клучните столбови на демократијата и имаат важна улога во креирањето на критичкото мислење за прашања кои се од посебен јавен интерес, велат од Агенцијата.

АВМУ укажува дека исклучително е важно да им се овозможи на новинарите непречено да ги извршуваат своите професионални задачи за навремено и точно информирање на јавноста.

-Наместо омаловажувања и навреди треба да се покаже почит кон новинарската професија и достоинството на медиумските работници, се посочува во соопштението.