Весела Моловска е менаџерка во културата и преведувач од шпански и португалски јазик. Живеела, работела и студирала две години во Мадрид и седум години во Лисабон, каде што се сретнала со нејзиниот партнер Жозимар Критхинас со кого го има прекрасното петгодишно момченце Томе. Пред две години Весела се врати во Македонија, а Жозимар пред неколку месеци дојде да живее во Скопје и изрази желба да предава португалски јазик за да се направи една своевидна врска помеѓу Македонија и Португалија, која до ден денес е речиси непостоечка.
Колку изучувањето на нов јазик може да биде своевиден „тренинг“ на мозокот, особено во овие времиња на коронакриза?
– Во ова време на невреме во кое се наоѓаме е важно да го активираме, односно да го тренираме мозокот иако сме препуштени на крајно безволие. Сега можеби е моментот за отворање на сосема нови можности, а учењето на нов јазик секако ќе нè насочи кон нови средини и нови искуства. Да се научи еден јазик исто така значи да се научи за животниот стил и културата на еден народ, а португалскиот јазик и култура поврзуваат најразлични светови: Португалија, Бразил, Ангола, Гвинеја Бисау, Кабо Верде, Сао Томе и Принсипе, Мозамбик, Макау и дел од Гоа, Индија. На сите страни на светот, од Јужна Америка, до Африка, Европа и Азија се користи овој јазик како официјален во споменатите земји. Иако на Гоа веќе не се зборува португалскиот јазик како официјален, сепак е задржан голем дел од португалската култура. Тој е еден од шесте најзборувани јазици во светот, а да се познава португалскиот јазик значи да се добие солидна база и за зборување на шпанскиот јазик. Интересно е дека оние кои зборуваат шпански јазик не го разбираат португалскиот јазик, а оние кои го зборуваат португалскиот јазик не само што го разбираат шпанскиот, туку и со леснотија го зборуваат.
Што нуди вашата програма за учење португалски јазик, како се одвива и колку време е потребно за да се совлада јазикот?
– Нудиме интензивна програма за изучување на португалскиот јазик. За 20 часа, односно за два месеци, заинтересираните ќе изучат еден степен од јазикот, а за да може солидно да се пишува и да се комуницира на јазикот се потребни четири степени: А1, А2, Б1 и Б2. Во зависност од бројот на заинтересираните ќе се формираат онлајн-групи и двапати во неделата ќе се одржува часот. Изучувањето на еден степен е во 20 часа кои се распоредуваат во два месеци. Значи за осум месеци или најдоцна до една година може да се добие здрава солидна база за да се зборува и пишува на португалски јазик. Се водиме по одобрена програма која е специјално направена за изучување на португалскиот јазик како странски јазик и имаме поинтензивна програма за повозрасни и пообразложена програма за деца. Сепак, многу работи зависат и од самиот ученик, бидејќи колкава е желбата да се научи јазикот, воедно соодветствува и со брзината на учењето. Програмата ќе се одвива на англиски јазик бидејќи предавачот ќе биде Жозимар, кој го усовршува полека и македонскиот јазик. Тој во принцип повеќе ќе зборува на португалски јазик, а објаснувањето ќе биде на македонски и англиски.
Дали е планирано понатамошно усовршување на јазикот со орагнизирани програми во Португалија?
– Во зависност од заинтересираноста во план е да се направат вакви програми. Вообичаено е потребен барем степен А1 за да се појде на ваква програма. Тоа се организирани летни кампуси каде што во текот на еден месец заинтересираните ќе имаат можност да учат португалски по специјално подготвени програми, кои ќе го воздигнат кандидатот за еден степен на повиско ниво на знаење. А да не зборувам за убавините и за дружењата што Португалија ги нуди! И за организираноста на програмите што еден „локален“ менаџер во културата може да ги испланира за незаборавни патувања, искуства и забава покрај учењето. Португалија е едноставно волшебна. Инспирира како ретко која земја во Европа. Силата на океанот, мешавината на култури и мелоси се нешта што се врежуваат во душата на посетителот. Незаборавна, длабока и поетична, и најрамнодушниот го остава нерамнодушен. Од друга страна, пак, исто така планираме да се поврземе со институтот „Камоес“, кои организираат тестирања и доделуваат официјален документ за познавање на португалскиот јазик. Сега сме само на почеток, но се надевам ќе добиеме шанса повеќе да го развиеме интересот за португалскиот јазик онака како што мојата најдрага „Каста Дива“ ја покрена неверојатната заинтересираност за шпанскиот јазик во Македонија. И морам да напоменам дека за часовите имаме целосна поддршка и од „Каста Дива“, кои имаат неверојатно искуство во пренесување на јазик и култура.