Го копирам ентузијастичкиот дух и креативноста на мајка ми. Научив да бидам храбра за да преземам ризик и онаа идеја за која отсекогаш сум ја сонувала, а тоа е промоција на здравје со природни производи, конечно да ја остварам, вели Јоана Манојловска.

Јоана Манојловска, млада претприемничка, израснала со самохрана мајка, во село Црничани. Колку што се сеќава, вели, мајка ѝ во тој период многу напорно работела. Го чувствувала нејзиниот страв за егзистенција, иако била дете, Јоана  сфатила дека и тогаш треба да го даде својот максимум за да помогне.

Познавам многу млади луѓе со многу добри бизнис-идеи, но сите ги кочи почетната инвестиција, бирократијата и долгото чекање во државните институции за вадење на некоја потврда и слично.

– Земјоделството е тешка работа, особено кога си препуштен сам на себе, мислам на мене и на мајка ми, кога немаш работна рака, кога немаш механизација и треба целото примарно производство сам да го изменаџираш многу паметно. Научив уште од мали нозе да помагам околу домашните обврски, во домаќинството, и економично да менаџирам со куќата. Научив да го ценам секој денар заработен со голем труд и да го инвестирам во паметни работи, во образование, започнување сопствен бизнис, во материјали за работа, вака го започнуваме разговорот со Јоана.

Како дојде одлуката прво на мајка ти, Љубица, да се впушти во нов предизвик – производство на градинарски производи?

– Пред да регистрира фирма со основна дејност – земјоделство, мајка ми била корисник на социјална помош од државата и земала 2.200 денари месечно, и секоја година се намалуваше за 100 денари… Со 2.200 денари месечно, морало да се покријат фиксни режиски трошоци, морало да се јаде и да се покријат трошоци за моето образование – тогаш одев во основно училиште.

Научив уште од мали нозе да помагам околу домашните обврски, во домаќинството, и економично да менаџирам со куќата

Знаејќи го својот потенцијал, мајка ми се откажа од социјална помош и почна да произведува градинарски култури. Со текот на годините проиводството се зголемуваше, а со самото тоа и приходите. Денес можеме да си дозволиме да платиме работници, но и да вложиме во иновативна технологија во процесите на производство.

Кои производи ги пласира мајка ти и каде?

– Моментално, како основна култура ја имаме брокулата, но започнуваме и со дополнителни култури како што е артичоката и лековити и зачински растенија кои се сто отсто природни и еколошки. Ги пласираме на големите и малите пазари, во околните градови во југоисточниот регион на Македонија, но си имаме и круг на постојани купувачи кои се зголемуваат со усна препорака и постојано нè препорачуваат, бидејќи знаат како ги произведуваме културите.

Што научи од мајка ти како жена – претприемничка, и колку нејзиното искуство ти послужи и ти да се впуштиш во производство, но на органски производи за здравје и убавина?

– Го копирам нејзиниот ентузијастички дух и креативност. Научив да бидам храбра за да преземам ризик и онаа идеја за која отсекогаш сум ја сонувала, а тоа е промоцијата на здравје со природни производи, конечно да ја остварам.

За какви производи станува збор и каде ги подготвуваш? Колку фитомедицината од Факултетот за земјоделски науки каде што си апсолвент ти помогна во реализацијата на производите?

– Станува збор за тинктури за подобрување на имунитетот, тинктури за циркулација и антистрес тинктура, природни сапуни на база на активен јаглен и етерични масла, природни серуми за коса, лице и брада. И секако, нема да останам само со овие производи. Мојата насока на факултет ми даде добра и солидна подлога од знаење и тоа знаење како да го применам во пракса. Се разбира, тука моето образование не застанува, туку го надоградувам со неформално образование од типот на курсеви и обуки од странски академии и во иднина планирам да се запишам на магистерски студии по природна медицина и хербологија.  Гледате ли во иднина заедничко здружување на бизнисите, твојот и на Љубица?

– Се разбира. Имаме големи планови за во иднина, како и подготовка за сертифицирање органски производи, каде што планираме и нивно патентирање, па во иднина нашите производи да се најдат во продавниците за здрава храна, во салоните за убавина и да ги консумираат сите луѓе.


Што е најтешкото во тоа да се биде жена претприемач?

– Во животот, разликата помеѓу успехот и неуспехот се должи на храброста. Секој бизнис подлежи на падови, порази и издигнувања. Најважно е секогаш да останеш мотивиран и сигурен во тоа што го работиш и да го сакаш тоа што го работиш и многу полесно ќе успееш да ги совладаш и најтешките работи.

Колку државата е подготвена да помогне во развој на ваквиот тип на претприемништво?

– Сум се информирала за владините мерки меѓутоа имаат многу недостатоци. Мислам дека треба да се основа посебен фонд за претприемачи, и не само жени, туку воопшто за млади кои почнуваат од нула. Познавам многу млади луѓе со многу добри бизнис-идеи, но сите ги кочи почетната инвестиција, бирократијата и долгото чекање во државните институции за вадење на некоја потврда и слично.