На 5 ноември (среда) во 19 часот во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје ќе се одржи разговор со писателка Хана Корнети, чија збирка разкази „Каде леташ, Јулија?“ е книга на месецот и дел од 4.циклус на големата кампања „Читаме современи македонски автори“.
Разговорот со авторката, книгата на месецот и клубот на читатели се трите препознатливи активности на големата кампања „Читаме современи македонски автори“ на ГБСК.
-Одлепени, фантастични, хумористични, апсурдни и длабоко прецизни! Вака би можела да ги опишам десетте раскази од оваа збирка со наслов „Каде леташ, Јулија?“ на Хана Корнети. Со нејзиниот уникатен стил изграден преку колоквијален јазик, полн со хумор и длабинско проникнување, Хана нè става во друштво на неверојатни ликови низ незамисливи ситуации. Уште поневеројатно ни се чини што во ликовите од нејзините раскази како во огледало се гледаме самите или ги препознаваме луѓето околу нас – пишува Наташа Атанасова.
Хана Корнети (1992, Скопје) е авторка на збирката раскази „Млечни заби“ (2021, Или-Или), романот-фантастика за деца „Илина и шумските тролови“ (2023, Или-Или), чиј втор дел се очекува на есен во 2025, нефикцијата „Croprising: Good Weeds & Bad Gardeners – A Guide“ во соработка со Ивана Чалоска и Димитар Самарџиев (2023, Private Print), и „Каде леташ, Јулија?“, уште една збирка раскази за возрасни (2025, Или-Или). Добитник е на награди за краток расказ и за пиеса, додека „Илина“ влегла во потесен круг за роман на годината и е финалист на регионалниот избор Штефица Цвек. Во слободното време пишува аматерска музика, со еден издаден албум, „Голи песни“ (2023, Шарла) и градинарува, генерално без многу успех (но битно растенијата преживуваат).
Разговорот со Хана Корнети ќе го води Александра Јуруковска, а фрагменти ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
Текстот Разговор со Хана Корнети во Градската библиотека во Скопје е превземен од МАКФАКС.
		






















