Сценаристката Александра Миланова смета дека без разлика колку и како работи човек, ако нема верба дека ќе успее, тогаш никогаш нема да успее. На почетокот ѝ било напорно зашто имала несигурности во себе, а светот на филмовите ѝ бил непознат. Не била сигурна во своите способности како писател. Но, во моментот кога одлучила да верува дека не е ништо помалку од успешните луѓе и дека нејзиниот успех зависи од неа самата, сè ѝ се сменило.
Александра Миланова е родена во Штип, а живее и работи на релација Скопје-Лос Анџелес. По дипломирањето на Е-бизнис на Економскиот факултет во Скопје, и магистрирањето на Проектен менаџмент на ФЕИТ, Александра завршила магистерски студии по Сценарио на Њујоршката филмска академија на кампусот во Лос Анџелес. Таа е позната по нејзината работа на „5+ Фамилија“ и „Преспав“ и над дваесет нејзини сценарија се продуцирани во Македонија од 2015 година до денес. Работата на Александра ги преминува границите на државава и нејзините зборови добиваат живот и на холивудските екрани. Таа се истакна во САД како сценаристка на наградуваните кратки филмови „Верна“ (Faithful) и „Фотобомбд“ (Photobombed), добивајќи ја наградата за најдобар наратив доделена од Лос Анџелес филмските награди (Los Angeles Film Awards). Нејзините сценарија се добитници на бројни награди и признанија на некои од најголемите натпревари за сценарио во САД, меѓу кои „Фајнл Драфт Биг Брејк“ (Final Draft Big Break), „СкринКрафт“ (ScreenCraft), Њујоршкиот натпревар за сценарио (New York Screenplay Contest), „ВиСкринплеј“ (WeScreenplay) и други. Нејзините завидни достигнувања ѝ овозможија да биде избрана како судија на една од најреномираните програми за сценаристи во САД, Ен-Би-Си сценаристи на работ (NBC Writers on the Verge).
Како се случи твоето заминување во Америка?
– Во Америка заминав да студирам Сценарио. Ниту познавав некого таму, ниту пак имав искуство во филмската индустрија и бев во многу понезавидна ситуација од моите колеги таму. За тоа бев свесна и решив дека единствен начин да ги надминам слабостите е да се соочам со нив и да најдам решение. Вложив многу енергија во развивање на контакти и учење на основите на системот и индустријата воопшто, но сето тоа подоцна ми се исплатеше.
Како се случи твојата прва соработка со тамошните продуценти?
– Се спријателував со секого што ќе го запознаев. Ја користев секоја прилика да се дружам, да посетувам настани, забави, родендени… Со Никлас, режисерот на „Феитфул“ („Faithful“), се запознав уште првиот ден кога стигнав на факултетот. И двајцата бевме во слична ситуација и се спријателивме. Работевме на некои помали проекти за време на студиите, и откако магистрирав тој ми се јави за соработка на „Феитфул“. Режисерот на „Фотобомбд“ („Photobombed“) го запознав во фирмата каде што одев на пракса за време на студиите. Тоа што се најдов како судија на „НБЦ врајтерс од верг“ („NBC Writers on the Verge“) беше благодарение на една моја пријателка која ме препорача. Контактите се еден од најважните фактори за успех во Холивуд и без тие познанства и помошта од тие луѓе не би била таму каде што сум сега. Воопшто, кој било успех никогаш не е личен, затоа што човек сам ништо не може да постигне. Она што јас го имам постигнато се должи на мојата работа и посветеност, но исто така и на луѓето што ме поддржуваат и веруваат во мене. Пред сè, тоа е мојата фамилија и пријателите, а во многу случаи и луѓе кои воопшто не ме познаваат, но виделе некаков потенцијал во мене.
Како успеа да постигнеш толку голем успех, дали ти беше тешко?
– Со верба. Мислам дека без разлика колку и како работи човек, ако нема верба дека ќе успее, тогаш никогаш нема да успее. На почетокот ми беше напорно затоа што имав несигурности во себе. Светот на филмовите беше комплетно непозната сфера за мене. Не бев сигурна ни во моите способности како писател. Но, моментот кога одлучив да верувам дека не сум ништо помалку од успешните луѓе и дека мојот успех зависи од мене самата, сè ми се смени. Работата ми стана многу полесна затоа што не ми тежеа негативните мисли и сомнежот. Сега веќе не чувствувам никаква тежина и конечно ги разбирам зборовите на Марк Твен кога изјавил дека никогаш во животот не работел.
На кои теми пишуваш најчесто и по што се препознатливи твоите приказни?
-Најчесто пишувам на теми поврзани со семејството, пријателите и љубовта. Ми се чини, колку и да се различни моите сценарија едно од друго, сепак во суштина се сведуваат на овие теми. Често во моите приказни протагонистите се борат за правда против корумпиран систем, што веројатно е само рефлексија на мојот живот како личност што израснала во време на тешка политичка транзиција. Она што е одлика во голем дел од моите сценарија е балансот меѓу хуморот и драмата. Дури и кога обработувам сериозни теми, секогаш вметнувам хумор. Друга одлика е тоа што често употребувам поезија во приказните.
Каков е твојот процес на пишување?
– Единствената константа во мојот живот е промената и тоа се отсликува и во мојот процес на пишување. Постојано го менувам и усовршувам. На почетокот почнував со едноставна идеја и веднаш седнував да пишувам без конкретен план, потоа пробав со школски пристап и детално ја развивав приказната пред да го почнам сценариото. Од пред некое време почнав да поаѓам од крајот. Замислувам како сакам да заврши приказната и ја конструирам наназад.
Имаш пишувано во повеќе форми и жанрови, имаш ли омилени?
– Вкусовите постојано ми се менуваат. Жанровите и формите произлегуваат од природата на приказната, а приказните произлегуваат од тоа како се чувствувам во моментот. Во последно време имам склоност да пишувам комедии.
Имаш напишано повеќе од триесет сценарија за пет-шест години, што е релативно кратко време за толку голем број сценарија. Најголем дел од тие сценарија се реализирани, а многу од нив имаат добиено и награди. Дали постојат некои специфични дневни навики кои придонесуваат за ваквата неверојатна продуктивност и креативност?
– Да, според мене навиките се тоа што ни го дефинира животот. Спијам доволно и никогаш не се лишувам од сон, јадам балансирана исхрана, се активирам физички секој ден, правам паузи, се социјализирам, но најважно од сè, не му дозволувам на стресот да ми навлезе во животот и да ме собори. Многу луѓе мислат дека работата е тоа што ги изморува, но вистината е дека заморот доаѓа од стресот. Балансот и смиреноста се клучни за висока продуктивност и креативност.
Како новите медиуми, како Нетфликс, влијаат на работата на сценаристите?
– Откако Нетфликс и другите онлајн-платформи се појавија, концептот на „бинџ вочинг“ („binge watching“), што значи гледање на повеќе епизоди наеднаш, креираше нови потреби на пазарот. Сега сериите треба да имаат значително поголем серијален елемент, односно приказна што ќе се провлекува низ епизодите и сезоните. Ова значи дека процедуралните серии се помалку барани и се настојува и во нив да има серијален елемент. Ова мора ние сценаристите да го имаме предвид при креирање нови проекти.
Како пандемијата на ковид-19 влијае на твојата работа?
– Јас го искусив психолошкиот притисок од затвореност и изолираност неколку години пред ковид затоа што тогаш за првпат искусив работа од дома. На почетокот адаптацијата ми беше прилично тешка, зашто по природа сум личност што најудобно се чувствува меѓу луѓе и во креативна атмосфера. Полека го најдов балансот и си креирав рутина што ми одговара, така што кога дојде ковидот не почуствував голем шок. Состаноците се одвиваа онлајн, и тоа ме заморуваше малку, но не би рекла дека промената беше драстична. Проблемите од ковид ги почувствував од друг аспект, кога голем дел од проектите се одложија. Последиците од овој период ќе се провлекуваат некое време, но полека, како и целото општество, индустријата почнува да се враќа во нормала.
На што работиш во моментов?
– Изминатиов период работев на петтата сезона на „Преспав“ и сè уште сум во Македонија. Очекувам наскоро да заминам во Лос Анџелес, зашто се планира да се рестартираат проектите што беа запрени поради ковид-пандемијата. Во меѓувреме добив уште една понуда за соработка од режисерот на „Фејтфул“ – се работи за долгометражен филм, кој треба да се снима во Шведска. Работам и на еден мој личен проект, концепт за ситком, што планирам да го понудам на продуценти во САД.