Пратениците денеска во рамки на 32. седница разгледаа повеќе точки од дневниот ред, но, за нив ќе се гласа дополнително.
Од разгледаните точки поголем интерес за дискусија на пратениците имаше за Предлогот на финансиски план на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија за 2021 година, и за Годишниот извештај за работата на Судскиот совет на Република Северна Македонија за 2019 година.
Опозицијата смета дека финансискиот план на РКЕ не е прифатлив, особено, како што посочија, делот за плати кој, според нив, е неоправдано висок и оти има постојано зголемување на вработени и на трошоци. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека Комисијата, односно нејзиниот раководен дел, ја претворил оваа институција, односно независно тело во партиска испостава, која ги спроведува политиките на СДСМ.
Тоа рече, Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ, може да се види од фактот што иако имала законска обврска да донесе одлука за цената на струјата пред јули, тоа го направила на крај на јули, со цел покачувањето на цената да не влијае на парламентарите избори што се одржаа на 15 јули.
Реплицирајќи, Диме Велковски од СДСМ рече дека не е вистина оти трошоците во РКЕ постојано се зголемуваат, притоа презентирајќи податоци за тоа колку ставки од расходите се намалени. Исто така, рече, платите не се зголемувани во текот на изминатите години, тие се исти.
Пообемна дискусија во Парламентот предизвика и расправата за годишниот Извештај за работата на Судскиот совет. Пратениците од опозицијата и власта излегоа со спротивставени односи за состојбите во судството. Опозициските пратеници сметаат дека состојбите во судската власт се исклучително лоши, оти судовите се неажурни и со големо политичко влијание од власта, а пратениците од владејачките партии, пак, дека времето на политички влијанија во судството поминало со заминувањето на претходната власт.
Дајанчо Ефтимов од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека иако во Извештајот за работата на судскиот совет одредни судови се оценети како ажурни, Народниот правобранител за нив констатира дека не работеле ажурно, во делови за претставки за одредени случаи што биле поднесени.
– Втора небулоза со која се соочуваме е оценката за Управниот суд каде се конатстира дека тој се оценува како ажурен. Пред само неколку месеци имаше информација дека во овој Суд над 5.000 предмети биле чувани во фиока, рече тој прашувајќи за каква ажурност станува збор.
За политичко влијание на власта врз судството во дискусија говореше пратеникот Јован Јаулески од ВМРО-ДПМНЕ. Поради тоа, рече тој, граѓаните немаат доверба во судството.
Сите знаеме, истакна Јаулески, дека една од причините за тоа е партизираниот Судски совет и неговото партиско влијание. Тој додаде дека власта целосно го уништила судскиот систем. Со оваа власт, рече, случаите застаруваат, обичниот ќе биде казниван, а на моќниците ќе им се простуваат сите дела.
– Сведоци за тоа се граѓаните кои секојдневно гледаат дека со државата управува мафија, а на мафијата и се потребни послушни судии кои ќе судат во нивна корист, рече Јаулески.
Реплицирајќи му, пратеничката Снежана Калеска Ванчева од СДСМ истакна дека времето на носење пресуди од „белиот дворец“ и „сваровски судството“ е минато.
– Ниту се помислува, ниту се носат пресуди од „Бихаќка“ и тоа е вашиот проблем, тоа е она што се расформира сега, рече таа.
Обраќање пред пратениците имаше и претседателот на Судскиот Совет Киро Здравев. Тој истакна дека работите во реформирањето на судскиот систем се движат во добра насока.
– Работите по однос на работењето на судската власт во голема мера се променети. До крајот на месецов ќе биде изработен новиот извештај за работа за минатата година и кога ќе го разгледува Парламентот ќе го види и напредокот кој судската власт го има направено по забелешките и укажувањата на европските фактори, рече Здравев.