Умерено зголемување на инфлацијата најави гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска. Таа истакна дека со оглед на движењето на цените на храната и на енергенсите, најверојатно ќе биде направена умерена нагорна ревизија на инфлацијата со следните макроекономски проекции. Досега стапката на инфлацијата се одржуваше на 2,2 проценти.
„Ние со априлскиот циклус на проекции, проектиравме стапка на инфлација од 2,2 проценти, меѓутоа следејќи ги најновите остварувања кај инфлацијата како и проекции особено на движењето на цените на храната и енергијата, најверојатно ќе направиме умерена нагорна ревизија на инфлацијата. Тоа ќе биде направено со новиот циклус на макроекономски проекции кое што е во фаза на финализација. Сепак би потенцирала дека инфлацијата сега за сега со овие претпоставки кои ги користиме сега за сега да остане во умерени рамки како што впрочем очекува и Меѓународниот монетарен фонд“, рече Бежоска.
За нас оптимална стратегија е стратегијата на одржување стабилен девизен курс, се разбира причината за тоа е структурата на нашата економија. За да може оваа стратегија да се одржува стабилна, од клучно значење е нивото на девизни резерви, во повеќе наврати сме комуницирале и за нивото на девизни резерви кое што согласно сите меѓународни стандарди се одржува на високо солидно ниво.