По зголемениот број новозразени со Ковид-19 во општина Маврово и Ростуше, градоначалникот Медат Куртовски упати апел за строго почитување на мерките и препораките за заштита.
-Моментно во општината имаме 17 заразени лица со опасниот вирус, при што едно од нив е хоспитализирано во Здравствениот дом во Ростуше, додека еден во здравствена установа во Скопје. Во изолација се седум лица. Апелирам до жителите на нашата општина, нашинците кои се на одмор во родниот крај и до туристите, да бидат посовесни и повнимателни, зашто невидливиот непријател се уште е на нашето подрачје, како впрочем и во целата држава, изјави Куртовски за МИА.
Додаде дека зголемување на бројката има во последните десет дена. Но, се верува дека бројот на заразени е поголем зашто има и лица кои се тестираат приватно и Здравствениот дом во Ростуше нема евиденција за нив.
Околу состојбата се состанал и Општинскиот кризен штаб за заштита од вирусот Ковид-19, со кој раководи Куртовски.
Според него, претствниците од Здравствениот дом исто така информирале дека има и случаи на стомачен вирус, за што до граѓаните се дадени соодветни совети.
-И како Кризен штаб упатуваме апел да се почитуваат мерките и препораките донесени од Владата на Република Северна Македонија. Во исто време апелираме граѓаните да се вакцинираат во што поголем број за да се намали ширењето на вирусот во нашата општина, посочува градоначалникот Куртовски.