Бројот на позитивни на Ковид-19 во Кочани е во пораст и во моментот под постојан надзор на полицијата се 40 лица кои се во самоизолација. Сите тие добиле позитивен тест на коронавирусот или биле во контакт со заболено лице, информираа за МИА од Одделението за внатрешни работи – Кочани.
– Во моментов во Кочани, 26 лица се активни на вирусот, а бројот е во постојан пораст. Заедно со другите позитивни ги следиме во однос на почитувањето на мерките за домашна изолација. Во соработка со инспекциските служби, од понеделник ќе постапуваме согласно пропишаните мерки од Владата за невакцинираните и нивното присуство во угостителските и други јавни објекти, истакна Александар Максимов, началник на Одделението за внатрешни работи – Кочани.
Од кочанската полиција упатија апел до граѓаните да ги почитуваат пропишаните мерки за здравствена заштита и да не влегуваат во угостителски и други јавни објекти без потврда за извршена имунизација.
Притоа потсетуваат дека приложувањето на потврдата за добиена најмалку една доза вакцина се однесува за лица над 18-годишна возраст, а постапувањата кон прекршителите ќе биде по барање за асистенција од Државниот пазарен инспекторат.