Вработените по рамковен договор во државните институции уште си седат дома. На големо најавуваниот почеток со работа од први февруари за овие лица не се случи. Сѐ уште се прават распределби и административни постапки за вработените под државна капа кои со години седат дома и земаат плата. Од Министерството за политички систем писмено ни одговорија дека 1.180 граѓани од вкупно 1.349 административни службеници потпишале решенија за вработување и допрва, ќе започнат со работа. Дваесет и шест административци одбиле да ги потпишат новите решенија.

„Раководните лица во институциите каде се распределени административните службеници вработени преку програмата К-5, се должни да ја започнат постапката за усогласување на актите за систематизација на работните места со одредбите од овој закон во рок од 30 дена од денот на усвојувањето на Планот за преземање од членот 4 од овој закон. Во законскиот рок, Министерството за политички систем ќе ги распредели решенијата на уште 135 административни службеници кои воопшто не се појавиле“, наведуваат од Министерството за политички систем.

– Advertisement –

Вчера и од инспекцискиот совет потврдија дека распределените административци вработени по рамковен договор не се започнати со работа.

„Сѐ уште не се распределени лицата, не се почнати со работа. Затоа е потребно да се спроведе целосната постапка, која треба да отпочне преку Министерството за политички систем за преземањата кои треба да се извршат“, рече Магдалена Филиповска Грашкоска Претседателка на инспекциски совет.

Најголемиот дел од рамковно вработените лица чекаат работно место, биро и столче веќе десет години, но за цело тоа време тие добиваат месечна плата од државата. Според пресметките досега од државната каса за плати на овие административци кои седат дома се потрошени околу 100 милиони евра.

Иле Петревски

Прикажи повеќе