Откако судот изготвил решение за куќен притвор на Сашо Мијалков, истото било проследено до МВР.

Веднаш било постапено по ова решение, па полициски службеници се обиделе да му го достават лично на екс шефот на УБК. Сепак, не го нашле, ниту дома, на адресата од документите, ниту пак во хотелот Мериот каде што бил забележан последен пат. Распишана била национална потерница, полицијата го барала во државата и се уште го бара.

Но, во текот на денов до Кривичниот суд МВР побарало да се распише и меѓународна потерница. Судот одговорил позитивно на барањето, па така по Мијалков сега ќе се трага и надвор од границите.

Сепак, се поставува прашањето дали сето ова е задоцнето, ако се знае дека и во случајот со Никола Груевски беше доцна. Екс премиерот осуден во случајот „Тенк“ прво избега во Унгарија, а потоа беше распишана меѓународна потерница.