Набавката за која Владата платила 81 илјада евра, а осум месеци седи неискористена, носи назив „Софтвер за определување просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни“, додека Рашковски има патент од 2018 година со речиси исто име: „Систем и уреди за контрола на брзината на возилата во сообраќајот, определување на просечна брзина и изрекување на казни“

„За оние што читаат само наслови, многу работи се исти“, ни одговори Рашковски со СМС-порака прашан да ја коментира коинциденцијата

Драги Рашковски е автор на „Систем и уреди за контрола на брзината на возилата во сообраќајот, определување на просечна брзина и изрекување на казни” уште од 2017 година, објавил самиот во својата лична биографија, која е достапна на интернет. Случајно или не, системот за кој „360 степени“ извести дека го набавил Рашковски во 2020 година како генерален секретар на Владата, а осум месеци не се употребува од ниедна институција, има речиси исто име: „Софтвер за определување просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни“. За оваа набавка Владата ѝ платила околу 81 илјада евра на фирмата „Инвока гроуп“.

Веќе објавивме дека „Инвока гроуп“ е формирана на 14 јуни 2017 година, две недели по доаѓањето на СДСМ на власт и девет дена по именувањето на Рашковски за генерален секретар на Владата. Компанијата, чиј сопственик и управител е Даниел Станчев, досега добила три јавни набавки – сите три од владиниот Генерален секретаријат додека со него раководеше Рашковски. Плаќањето за конкретната набавка е извршено на 9 јули минатата година, шест дена пред парламентарните избори. Пред оваа јавна набавка да ја добие „Инвока гроуп“, имало уште два вакви тендера во 2019 година распишани од Секретаријатот, но биле поништени.

Софтверот во изработка во Македонија, награден во Москва

Според податоците до кои дојде „360 степени“, Рашковски во 2018 година го патентирал „Систем и уреди за контрола на брзината на возилата во сообраќајот, определување на просечна брзина и изрекување на казни“.

Интересен е податокот дека во периодот кога според договорот меѓу Генералниот секретаријат и „Инвока гроуп“ (потпишан на 6 февруари 2020 година) сѐ уште се изработувал нарачаниот софтвер, Рашковски добил меѓународно признание за својот изум со слично име. Станува збор за пехар и златен медал на Меѓународниот саем на пронајдоци „Архимед“ одржан во Москва од 24 до 27 март 2020 година.

Системот на Рашковски е награден со златен медал и на Глобалниот форум за иновации одржан во октомври 2020 година на Кипар. И за руската и за кипарската награда на Рашковски постојат записи на официјалните интернет-страници на двете манифестации.

Прочитајте повеќе на 360stepeni.mk