Судењето против поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски, кој заедно со уште шест лица се теререти за нелегалната набавка на софтвер се одложува за  29 ноември, поради болест на еден од обвинетите.

Судот информира дека пред почетокот на денешното рочиште, бранителот на обвинетиот Даниел Станчев, доставил лекарска потврда од 7 ноември, упат за Клиника за инфективни болести, со забелешка дека кај пациентот е дадена инфузиона и таблетарна терапија и за што е отворено боледување.

На денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје требаше да бидат сослушани повеќе сведоци предложени од Обвинителството, меѓу кои и претставник на државното правобранителство.

Рашкоски пред новинарите изјави дека бара обвинителката Вилма Рускоска да сведочи, односно да се соочи со неа во судница, со цел да докаже дека целиот процес е монтиран.

-Со нејзиното сведочење апсолутно од самиот почеток до самиот крај додека беше обвинител до вчера ќе докажеме како судскиот процес и целокупната постапка и не само судскиот процес туку и внатре во рамките на Обвинителството е местена целокупната истрага, целокупното поднесување на обвинителниот акт итн. Мислам дека е крајно коректно ако некој застане зад некој обвинителен акт и тврди дека е така, да се соочи во најмала рака со главниот обвинет во случајот – јас и да ги вкрстиме аргументите , а од друга страна да и биде предочено на сите инкриминирачки дејствија кои што според нас таа ги има направено додека ја вршела истрагата, изјави Рашковски за новинарите по завршувањето на денешното рочиште.

Судскиот процес се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е Ивана Трајчевска.

Одбраната на првобвинетиот достави дополнување на предложената листа на докази, за што Судот побара пред следното рочиште да достават една ревидирана и заедничка листа на докази со оглед дека досега имаат поднесени повеќе дополнувања.

Според обвинителниот акт, Рашковски е обвинет за кривичните дела „ Злоупотреба на службена положба и овластување“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“. Лицата И.Д., И.Х., Д.С., И.И., И.И. и М.С. се обвинети за „Злоупотреба на службена положба и овластување“ од КЗ.