Судот во каталонскиот град Леида денеска ја потврди новата затворска казна на раперот Пабло Хасел од 21 месец за физичко заканување на сведок на судење и попречување на самото судење во 2017 година, па тој е осуден на вкупно 2,5 години затвор.
Хасел, 33-годишен музичар со радикални левичарски политички ставови, минатата година бил осуден на девет месеци затвор за навреда на шпанскиот крал и институции и за „величење на тероризмот“.
Откако е уапсен во вторникот на издржување на казната, во неколку шпански градови избувнаа насилни протести за време на кои вчера беа повредени 55 лица, меѓу кои 35 полицајци, додека десетици демонстранти биле уапсени.
Судот во Леида, каде што е роден Хасел, на 5 март го осуди на една година и девет месеци затвор за закана на сведок на судењето на локалните полицајци. Хасел поднел жалба, но казната е потврдена денеска.
Хасел,со полно име Пабло Ривадула Дуро, напишал на Твитер на 16 октомври 2017 година: “Градската гарда го купи овој лажен сведок за да сведочи против колега кој беше брутално претепан. Потоа беа ослободени “. Заедно со тој текст, тој објавил и фотографија од тој сведок. Хасел и службениците биле странки во постапката.
Раперот му се заканил на сведокот. Сведокот го тужел, а музичарот тврдел дека не му се заканувал или напаѓал, туку дека се бранел затоа што сведокот се обидел да го удри со чадор.
Хасел, кој е во затвор во Леида од вторникот, може да ја обжали пресудата до Врховниот суд на Шпанија. Во вторникот, демонстрантите се собраа во градовите Каталонија, на североистокот на Шпанија, барајќи негово ослободување и ја обвинија државата за спречување на слободата на говор. Вчера протестите се проширија и во другите шпански градови.
Против Хасел е поведена и правна постапка за наводно учество во насилен протест пред зградата на шпанската владина делегација во Леида во март 2018 година, објави јавната телевизија ТВЕ.