Рангелова во емисијата „Само вистина“ рече и дека за повторно да се активира во партијата сака да види искреност, а не лицемерие и лажен националпатриотизам, пренесува 360 степени.
Настаните од 27 април 2017 година не треба да се повторат, не само во Македонија, туку во која било земја, порача поранешната пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова на 4-годишнината од упадот во Собранието.

Во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 ТВ, таа изнесе став дека за тој ден сите политички партии се виновни и рече дека за разлика од нејзини партиски колеги, таа го осудува насилство, но не се согласува со тоа обвинетите да се гонат за тероризам.

„Јас нема да кажам дека не се случи насилство за разлика од колегите и ќе го осудам. Мислам дека луѓето треба да одговараат за насилство, а не за тероризам. Точно е дека се случи насилство и е грозно кога го гледате тоа на телевизија“, рече Рангелова.

Таа го коментираше и протестот од неделата велејќи дека е неодговорно да се организира таков настан во време на пандемија, а ја критикуваше и власта дека требало да го предупреди организаторот.