Серхио Рамос се наоѓа на излезни врати од „Сантијаго Бернабеу“, капитенот нема намера да се согласи на драстично намалување на платата, додека од друга страна Реал Мадрид нема намера да попушти.

Имено, Рамос со актуелниот договор кој завршува на крајот од сезоната, има годишна плата од 13 милиони евра, и играчот очекува истата плата да ја добива и во наредните две години.

Но, управата на Реал Мадрид предводена од претседателот Флорентино Перез, нема намера да му исполни желбата на својот капитен бидејќи загубите се огромни поради пандемијата на коронавирусот, а притоа планираат буџетот за плати да не биде поголем од 300 милиони евра и очекуваат капитенот да биде пример за останатите.

Но, Рамос смета дека за 15 години колку што настапува за „кралскиот“ клуб направил доволно и поради тоа го бара последниот голем договор во богата кариера и е подготвен дури и да си замине доколку не му биде исполнета желбата. ПСЖ е прв фаворит за неговиот потпис доколку Рамос го напушти Реал Мадрид, а исто така богат договор може да добие и во арапските земји и во САД.

Перез веќе го одреди наследникот доколку Рамос си замине, тоа е дефанзивецот на Баерн Минхен, Давид Алаба. Австрискиот репрезентативец има 29 години и Перез во него го гледа идеалниот наследник на Рамос, но и со него се очекува да има тешки преговори.

EPA-EFE/ALEXANDER HASSENSTEIN

Алаба повеќе од една деценија го носи дресот на Баерн Минхен, но на лето ќе си замине бидејќи не можеше да најде заеднички јазик со управата за новиот договор. Прво бараше 25 милиони евра, потоа 20 милиони по сезона, сума која Баерн не сака да плати и се одлучи да се повлече од преговорите.

Реал Мадрид е подготвен да му понуди 10 милиони евра плус бонуси, додека Алаба бара 15 милиони евра годишно, но шпанските медиуми шпекулираат дека двете страни брзо ќе се договорат за соработка.