Караванот „Рамо до рамо до победа“ на СДСМ денеска продолжи со средби со граѓаните во општините Центар Жупа, Дебарца, Струга, Охрид, Пласница и Куманово.

На денешната средба со граѓаните во општина Центар Жупа беше потпретседателката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска, заедно со Методија Димовски, кои, како што наведуваат од СДСМ, истакнале дека се посветени на заштита и унапредување на македонскиот јазик и дома и надвор од државата.

Претседателката на форумот на жени на СДСМ Јована Тренчевска, заедно со Марко Ѓоргиевски, остварила средби со граѓаните на Дебарца кои потенцирале дека во изминатиот период има резултати на секое поле, но особено се значајни резултатите постигнати во социјалната заштита и во унапредувањето на стандардот на граѓаните.

Заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска и Оливер Спасовски биле меѓу граѓаните на општина Куманово.

– Со одговорните политики на СДСМ државата ја вративме на вистинскиот колосек, станавме членка на НАТО и по цели 17 години во чекалната конечно ги започнавме преговорите со ЕУ, на македонски јазик и со потврден македонски идентитет. Сега кога пред нас е важен реформи процес за европската иднина, одново гледаме блокади одново гледаме немање конкретен став од страна на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ кои декларативно се залагаат за членство во ЕУ, а во реалноста по секоја цена се обидуваат да го загрозат европскиот пат. Доказ за тоа се и последните небулози што Мицкоски ги шири за наводно редефинирање на државата, но и тој и ВМРО-ДПМНЕ треба да бидат свесни дека нивните небулози нивните деструкции одново ќе бидат поразени, порачала Лукаревска.

Оливер Спасовски потсетил дека пласирањето лаги со цел да се плаши и дели јавноста е многу пати виден метод на ВМРО-ДПМНЕ со кој оваа партија се обидува да наштети на државните и националните интереси.

Претседателот на СДММ Марко Михаилоски, заедно со Даниела Рендевска биле на средби со граѓаните на Струга, каде се осврнале на младинските политики на СДСМ.