Албанија ќе ја преземе вакцинацијата на целокупниот здравствен персонал на Косово, најави албанскиот премиер Еди Рама, откако вчера, од Турција донесе пратка од 192 илјади вакцини од кинеско производство.
-Сега имаме можност да дадеме директна порака до Косово, до нашите браќа и сестри таму, подготвени сме веднаш да ја преземеме вакцинацијата на белите мантили на Косово. Таму има 11 илјади здравствени работници и за 20 дена сме подготвени да ги вакцинираме сите. Ако сакаат да го организираат процесот и побрзо да дојдат во Кукс, нема проблем, тоа може да се направи за побрзо време, а ние ќе обезбедиме вакцинација до полноќ, три смени дневно, рече Рама, додавајќи дека тоа ќе зависи од договорот со косовското Министерство за здравство.
Претходно во пунктот во северниот албански град Кукс вакцинирани се 500 косовски здравствени работници, главно од болниците во Приштина.
Рама додаде дека Албанија планира до јуни со имунизацијата да биде опфатена целата повозрасна популација, посочувајќи дека деновиве почнува вакцинацијата и на лицата на возраст над 60 години.
Во Албанија досега се вакцинирани над 60 илјади лица, главно здравствени работници, просветни работници, универзитетски професори, како и лица повозрасни од 80 години.
Во Албанија досега пристигнати се над 282 илјади вакцини од „Фајзер“, од „АстраЗенека“ „Спутник V“ и од „Синовак“. За неполни 60 дена, како што најави Рама, тој број ќе се зголеми на 1,2 милиони дози.