Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека руските граѓани кои бегаат од мобилизација се добредојдени во Албанија, пренесува Радио Слободна Европа.

Тој го повтори ставот на Албанија дека стои на страната на Украина и не го признава референдумот организиран од Русија во некои нејзини области. Рама деновиве и во обраќањето на Генералното собрание на ОН го кажа овој став додавајќи дека „во некои делови на окупираната територија на Украина под закана со оружје се одржува референдум фарса“.

Овие акции се против меѓународното право и многу повеќе. Тие не само што не ја одразуваат слободната волја на народот на Украина, туку нудат мизерен спектакл на исклучување од сè што нè зближува под покривот на Обединетите нации“, додаде Рама, посочувајќи дека неговата земја ги осудува овие „фабрикувани дејствија во Москва“ и оти неговата земја не признава ниту една од овие незаконитости.