Албанскиот премиер Еди Рама денеска на Стратешкиот форум во Блед, Словенија, оценил дека новиот план за раст е „на вистинскиот пат и сега земјите мора да ја завршат целата работа за да се сметаат за подготвени за влез во Европската унија“.
– Владимир Путин требаше да нападне земја за да и помогне на ЕУ да разбере дека живее во паралелен свет. Она што го кажа Урсула фон дер Лајен е точно и охрабрува, бидејќи пред една година во Блед таа го вети новиот план за раст, кој веќе е ставен на вистинскиот пат. Се надеваме дека ќе се случат уште повеќе работи, рече Рама, јавија албанските медиуми.
Рама се задржал и на ситуацијата во Украина, притоа истакнувајќи дека Албанија стои на нејзина страна и оти остро ја осудува руската агресија на нејзина територија.
Toj истакнал дека Албанија и понатаму останува непоколеблив сојузник на Западот и на иста линија со земјите од Европската унија, во однос на заштитата на демократските вредности и соочувањето со актуелните предизвици.
– Ние стоиме зад Украина, од многу јасна причина, бидејќи изгледа навистина нереално, дека во наше време, една земја во Европа одлучи да ги промени границите на брутален начин со насилство, земајќи го она што го тврди дека е дел од неа, а тоа за нас е невозможно. Премали сме за да ја промениме судбината на која било битка. Ние сме усогласени со нашите пријатели и партнери, со земји како вас, од ЕУ. За нас е многу јасно дека нема сенка меѓу нас, изјавил Рама. Според медиумите тој заедно со своите колеги од Словенија, Хрватска и Србија, го истакнале значењето на поддршката меѓу сојузниците во случаи на закани.