Албанскиот премиер Еди Рама при своето гостување во емисијата „Избори 20121“ на „Визијон плус“ телевизијата потврди дека картата со промена на границите од регионот на Западен Балкан постои.
Рама откри дека картата ја видел и претходно пред да биде поврзана со предлогот на словенечкиот премиер Јанез Јанша.
-Разговарав со него многу одамна. Го видов и овој документ што излезе. Немам коментар, рече Рама.
Во четвртокот, словенечкиот портал „Нецензурирано.си“ објави документ според кој, се предлага редефинирање на границата на Косово и Србија, обединување на Косово со Албанија, обединување на делови од Црна Гора и Северна Македонија со албанско мнозинство со Албанија, можност за отцепување на Република Српска од Босна и Херцеговина и обединување на делови од западна Босна со Хрватска.
ЕУ веќе неколку пати рече дека не знае за таков документ. Словенечкиот премиер Јанез Јанша, чија земја ќе претседава со Европската унија во втората половина на оваа година, напиша дека тврдењата за таков документ се дејствија насочени кон „штета на Словенија во ЕУ“.
-Словенија сериозно бара решенија за развој на регионот и европската иднина за земјите од Западен Балкан и токму таквите пишувања се обидуваат да ја спречат оваа цел, напиша тој на социјалните мрежи.
Во меѓувреме, албанскиот премиер тврди дека картата постои.